Осумнаесет спрема осум за Македонија

595
Фото: Дарко Андоновски

Што содржи македонскиот, a што европскиот план за борба против лажните вести

Деновиве беше промовиран акцискиот план на македонската влада за борба против лажните вести и дезинформациите, а сличен документ има подготвено и Европската Унија. Во контекст на најновите случувања, „Нова Македонија“ ги презентира пред јавноста клучните точки на македонскиот и европскиот план за справување со овој глобален и опасен феномен

Феноменот за ширење лажни вести и дезинформации на социјалните мрежи и медиумите зема огромен замав во светот и во Македонија, што ја наложува потребата од координирана и одлучна акција против ваквите штетни појави за општество и граѓаните. Деновиве беше промовиран акцискиот план на македонската влада за борба против дезинформациите, а сличен документ има подготвено и Европската Унија.
Во контекст на најновите случувања, „Нова Македонија“ ги презентира пред јавноста клучните точки на македонскиот и европскиот план за справување со овој глобален и опасен феномен.
Зоран Фидановски, членот во советот на Агенцијата за медиуми, смета дека справувањето со лажните вести и дезинформациите е неопходен чекор на сите демократски општества какво што е нашето, но и оние во Европската Унија.Според Фидановски, во овој момент нема сомнеж дека главна аномалија на демократските држави се лажните вести, бидејќи тие се модерна болест против која мора да се борат општествата.

– Јас верувам дека единствен ефикасен лек за справување со овој феномен е медиумската писменост на населението. Во тој правец, јас имам став дека таа како тема треба да се изучува во образовниот процес на нашите граѓани, и тоа не само на факултетите туку и во средните и основните училишта. Само на таков начин, според мене, граѓаните ако се добро образовани за оваа појава ќе можат критички да им пристапат на вестите и информациите и да ги споредат со повеќе извори, од кои ќе изведат заклучок – вели Фидановски.
Според Фидановски, во целата акција за борбата со лажните вести, без исклучок, мора да бидат вклучени претставници на медиумите и новинарската фела, а преку системот на саморегулација, овој феномен може да биде сузбиен бидејќи самата фела професионално може да ги препознае овие проблеми, кои се од технички карактер, и да ги надмине и да се справи со нив.


Македонскиот акциски план со 18 точки

Владата со акциски план ќе се бори против ширењето дезинформации и против нападите на демократијата преку безбедносни и проактивни мерки, најави премиерот Зоран Заев. Безбедносните мерки се однесуваат на комуникациите на самата влада и премиерот, а со проактивните мерки се предвидени внатрешна кампања за вработените во институциите, нова стратегија за транспарентност, акциска група за борба против дезинформации и национална стратегија за медиумска писменост. Владата планира и воспоставување јасни критериуми за медиумите што се акредитирани за следење на нејзината работа, модел на поддршка за продукција на медиумски содржини и едукативни програми, како и соработка со организациите што се занимаваат со проверка на фактите и регистар на изворите што шират дезинформации. Во продолжение накратко за мерките предвидени во акцискиот план на македонската влада.

1. Ревидирање на постојните и креирање нови внатрешни безбедносни протоколи за комуникација во институциите и комуникација со надворешни субјекти, за намалување на можностите за протекување сензитивни информации.

2. Воведување безбедносен протокол за дигитални комуникации за сите државни службеници, за безбедно користење интернет, службена електронска пошта, службен мобилен телефон итн.

3. Зајакнување на внатрешната инфраструктура во Владата и во министерствата и проверка на системот за контрола на мрежниот сообраќај, за навремено спречување на малициозниот сообраќај и спречување на надворешните напади на инфраструктурата.

4. Промена на телефонскиот број и мобилниот уред на претседателот на Владата на РСМ, како и имплементирање безбедносен протокол за дигитални комуникации.

5. Воспоставување протокол за кризни комуникации помеѓу централниот владин комуникациски сервис и министерствата, кој ќе има цел брзо и точно спротивставување на дезинформациите.

6. Нова стратегија на Владата за транспарентност, што подразбира
и создавање листа на документи и информации, кои институциите ќе бидат задолжени на одредени временски интервали да ги објавуваат и ажурираат.

7. Владата на својата веб-страница ќе објавува официјални одговори на прашања на медиуми и граѓани, за да се спречи извртување на официјалните ставови на Владата.

8. Формирање акциска група за борба против дезинформациите и нападите на демократијата, составена од претставници од владините институции.

9. Спроведување едукативна кампања од јавен интерес за постоењето и штетното влијание што го имаат дезинформациите врз општество.

10. Спроведување внатрешна кампања за вработените во државната администрација, за постоењето и штетното влијание на дезинформациите.

11. Акциската група за борба против дезинформации и напади на демократијата активно ќе соработува со сите платформи на социјалните медиуми, кои најчесто се користат за брза дистрибуција на дезинформациите.

12. Креирање национална стратегија за медиумската писменост, во чии рамки ќе бидат опфатени активности на институциите, медиумите и граѓанскиот сектор.

13. Активно поттикнување дискусијата помеѓу медиумите, медиумските здруженија и граѓанскиот сектор, за саморегулација, корегулација и утврдување на медиумските стандарди за интернет-порталите, во согласност со препораките на европската комисија и Советот на Европа.

14. Воведување јасни критериуми за медиумите што се акредитирани да ги следат владините настани и прес-конференции, во согласност со стандардите на новинарската професија.

15. Дискусија меѓу Владата и медиумите за утврдување модел на поддршка за продукција на медиумски содржини на тема борба со дезинформации, како и поддршка за едукативни програми и тренинзи наменети за медиумските работници.

16. Владата и институциите активно ќе соработуваат со сите организации и проекти што работат на проверка на фактите (фактчекерс), преку навремено и брзо одговарање на нивните прашања, при проверката на фактите.

17. Создавање регистар за утврдени и разобличени дезинформации и линкови од изворите на истите тие.

18. Соработка со европската комисија и вклучување во нејзиниот систем за брзо предупредување за ширење дезинформации (рапид алерт систем).

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Осум мерки на Европската Унија

Според последната анализа на „Евробарометар“, проблемот со лажните вести и дезинформациите пласирани на интернет длабоко ги погодува граѓаните на државите-членки на Унијата, а 85 отсто од нив го доживуваат како еден од најсериозните проблеми на своите земји. Анкетата на „Евробарометар“ заклучила дека 83 проценти од Европејците веруваат дека лажните вести се сериозен проблем за демократијата, а 73 проценти од анкетираните велат дека ова случување е најактивно за време на изборите во државите. Во тој правец, од минатата година досега Европската комисија (ЕК) подготви акциски план за дејствување во неколку поглавја за борбата со дезинформациите, објавен на нивната веб-страница на сите јазици на државите-членки на ЕУ. Дополнително, според најавите на европските медиуми, во иднина Брисел планира да подготви и дополнителна законска рамка за уште посилна борба и превенција на овој феномен.
Во кратки црти, наведуваме што содржи акцискиот план на ЕУ за борба против лажните вести и дезинформации.

1. Подобрување на капацитетите и способностите на Европската Унија преку зајакнување на институциите за детектирање, анализа и разоткривање на дезинформациите.

2. Зајакнување на координираниот напор на сите институции на ЕУ и земји-членки за заедничка дискредитација на дезинформациите.

3. Мобилизирање на приватниот сектор за следење и справување со лажните вести.

4. Зголемување на јавната свест и подобрување на општествената одговорност за отпор кон лажните вести.

5. Подобрување на безбедноста поврзана со интернет-рекламите и демонетизирање на онлајн-маркетингот за лажните вести, што има за цел спречување на приливот на финансии, преку користење лажни вести.

6. Подобрување на транспарентноста на политичкото рекламирање. со што ќе им се овозможи на граѓаните полесна идентификација на промовираните содржини.

7. Гарантирање на интегритетот на платформите за интернет-сервисите преку кои ќе се затвораат лажните профили и лажните компјутерски интеракции на веб-страниците.

8 Овозможување полесен пристап на корисниците на повеќе извори на информации и вести од алтернативни гледишта.

[email protected]