Османи: Не треба да се отфрла двојазичноста, туку да се создадат капацитети

540

Секој обид за еднострано поместување на балансот во македонско-албанските односи кој е постигнат со многу труд, со многу жртва од двете страни за денес да зборуваме за функционална мултиетничка демократска држава, комплетно ќе нѐ помести од патот на кој сме тргнале, истакна вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на денешната прес-конференција на која зборуваше за одлуката на Венецијанската комисија.

-Венецијанската комисија вели дека има потешкотии во судството поради немање капацитети, но вели – да, можете да употребите двојазичност во банкнотите. И не можете Вие да отворите дебата за судството, а да не отворите дебата за банкнотите. Венецијанската комисија не вели да се отфрли двојазичноста во судството. Вели можеби во моментов нема капацитети, па Владата, односно државата да размисли дали можеби привремено да го одложи имплементирањето додека не се создадат капацитети – рече Османи.

Тој пред новинарите нагласи дека секој обид кон најсензитивното прашање да пристапи еднонасочно, буквално ја урива оската на која се држи балансот на македонско-албанските односи во државата.

Колку што ни е важен јазикот, толку ни е важна и правната држава, порача Османи коментирајќи ги одлуките на Венецијанската комисија.

-Го споделуваме ставот дека не смее ниту еден предмет да биде жртва на неизградени капацитети. Фокусот треба да ни биде во забрзана изградба на капацитети и во судството, и во администарцијата, притоа да најдеме начин како ниту еден предмет, од кој и да е тип, да не биде жртва на неизградени капацитети во судството. По однос на банкнотите ќе треба повторно да седнеме инклузивно и да видиме како да се спроведе овој заклучок на Венецијанската комисија – рече вицепремиерот.