Османи најави почнување на процедурите за попис по изборите

73
Бујар Османи

Вицепремиерот Бујар Османи, кој истовремено е висок функционер во ДУИ, најави дека подготовки за спроведување на пописот ќе започнат по изборите.

Предвремените парламентарни избори и оваа година ќе се одржат без да се знае точниот број на жители во државата. Проблемот за неспроведениот попис минатата година Османи го гледа во немањето консензус во Собранието.

– Ние на Влада постигнавме договор и донесовме закон за попис, што значи дека за првпат имавме етничко усогласување за начинот на кој ќе се спроведе пописот. Знаете дека во 2012 година пропадна поради начинот на читање на законот од двете етнички заедници. Тој консензус се постигна, но не и вкупниот политички консензус во Собрание за да го усвоиме законот. Јас мислам дека решението донесено на Влада е добро решение, коешто треба да се спроведе, но би било добро сите да бидат вклучени во пописот. Би требало веднаш по изборите да почнеме со подготовките за организирање на пописот – истакна Османи.

Пописот во 2002 година е последниот спроведен во нашата држава. Тоа значи дека во Македонија, 18 години се одржуваат избори без да се има реален број на населението во државата. Во 2011 власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со закон во Собранието го прекина веќе започнатиот попис.

Предлог за спроведување на пописот имаше и од СДСМ за во април 2020 година, но и тој не се случи.