Османи: Нашата држава е пример за мултиетничка демократија на Балканот

104

Во Скопје денеска се одржа завршната јавна дискусија за претставување на „Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Македонија“, кадешто свои обраќања имаа вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски и програмската директорка во Фондацијата Отворено Општество – Македонија (ФООМ), Сунчица Костовска.

Шекеринска во своето обраќање нагласи дека концептот „Едно општество за сите“ е суштината на политиката која ја нуди Владата од самиот почеток и дека внатрешната интеграција е исто толку важна колку евроинтеграциските процеси.

– Успехот во интеграцијата во НАТО и ЕУ, успехот во интеграцијата со Брисел не е доволен успех, ако не успееме да понудиме интеграција внатре во државата и концептот „Едно општество за сите“ така ја дефинира нашата цел – да обезбедиме повеќе канали на комуникација, разбирање помеѓу различните и таа интеграција ќе биде всушност најголемото безбедносно, економско и социјално сидро за нашата држава – изјави министерка за одбрана.

Вицепремиерот Бујар Османи посочи дека позитивно гледа на фактот што концептот „едно општество за сите“ е поставен високо на политичката агенда, не само на Владата, туку и на граѓанскиот сектор.

– Веќе никој нема дилема дека Република Македонија претставува редок пример на Балканот каде се негува функционална мултиетничка демократија од каде потоа произлегува и успешноста во изградбата на едно стабилно и функционално мултикултурно и мултиконфесионално општество – рече Османи.

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски во своето обраќање ја истакна значајната улога на медиумите, особено на јавниот сервис во промовирање на вредностите на „едно општество за сите“.

– Се издвојуваат два приоритети кога се во прашање медиумите, првиот е унапредување на медиумскиот простор во функција на навремено, непристрасно и објективно информирање на сите граѓани и промовирање на медиумскиот плурализам; вториот е јакнење на медиумската писменост кај граѓаните од сите возрасти – потенцираше Поповски.

Програмската директорка во Фондацијата Отворено Општество – Македонија (ФООМ), Сунчица Костовска, ја поздрави посветеноста на Владата за систематично и сеопфатно развивање на овој концепт и ангажирање на сите институционални механизми, интелектуални сили, знаења и капацитети на граѓанското општество за создавање на Националната стратегија.

На јавната дискусија свои мислења изнесоа и претставници на граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународните организации, кои дадоа конструктивни сугестии, коментари и предлози за намалување на поделбите и создавање услови за подобро и подеднакво општество за сите.