Османи во Брисел на средба со Могерини

40

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска ќе престојува во работна посета на Брисел каде ќе оствари работна средба со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската Комисија, Федерика Могерини. Средбата ќе биде искористена за да се реафирмира подготвеноста на земјава за напредок во европските интеграции, а во пресрет на Самитот на ЕУ во октомври.

Во рамките на посетата, Османи ќе оствари средба и со Државната секретарка за европски прашања, и претставничка на Република Хрватска во ЕУ, Андреја Метелко-Згомбич, а подоцна ќе оствари и работна средба со директорката за Западен Балкан во рамките на генералниот директорат за соседство и проширување во Европска Унија, Геновева Руиз Калавера.

Работната посета на Брисел е дел од турнејата на вицепремиерот Османи за посета на метрополите на земјите членки на ЕУ, по која следат посетите на Берлин и Варшава кон крајот на неделата.