Општинарите ги затоплуваат битолчани преку интернет

126
Една од котларниците во Битола

На веб-страницата на општината Битола пишува дека градот сѐ уште има претпријатие за топлификација, иако тоа е заминато во стечај пред повеќе од една деценија, откога битолчани, иако имаат изграден систем за централно греење, се греат на дрва, пелети или на јаглен

Со заладувањето и почетокот на грејната сезона, топлификацијата во градот под Пелистер повторно стана актуелна тема. Еден од коалициските партнери во локалната власт, деновиве, дури и побара во Битола да се формира јавно претпријатие за топлификација, со оглед на тоа што голем дел од градот веќе е покриен со систем за централно греење од времето кога имаше и претпријатие за топлификација, кое пред повеќе од десетина година замина во стечај.
Оттогаш просториите на претпријатието, кои се наоѓаа во хотелот „Битола“, се затворени, а затворена е и котларницата, која целосно е обрасната со трева. Иронијата да биде поголема, на веб-страницата на општината Битола пишува дека градот сѐ уште има претпријатие за топлификација и дека домаќинствата имаат локално затоплување, со индивидуални грејни тела, а извесен број станбени згради имаат централно греење.

– Во Битола постои фирма „Топлификација Битола“ ДОО – Скопје, друштво со ограничена одговорност, формирано првенствено за вршење на дејноста централно затоплување и соодветни други профитабилни дејности. Основано е од „Топлификација одржување“ АД Скопје на 24.12.1999 г. како ДООЕЛ, а на 20.10.2000 година пристапува како содружник и „Топлификација“ АД Скопје и друштвото од тогаш е друштво со ограничена одговорност. Основната стопанска дејност на „Топлификација Битола“ ДОО – Скопје се состои во производство и дистрибуција на топлинска енергија на подрачјето на градот Битола… – се вели во објавата, во која се наведени дури и прецизни бројки на, наводно, вработените и степенот на нивното образование.
Освен тоа, се истакнува и дека „Топлификација Битола“ во моментот стопанисува со вкупно шест котларници.

– Во однос на бројот на корисниците на „Топлификација Битола“ истиот број постепено расте од основање на фирмата па до денес, така што денес имаат 63 колективни станбени објекти со површина од 133.000 квадратни метри и моќност од 16,36 мегавати, околу 65 деловни објекти со топлинска моќност 0,4 мегавати – пишува на веб-страницата.

Повеќе од една деценија, откога битолчани се без парно греење, никому во општината не му текнало да ја избрише оваа содржина од веб-страницата.
Во меѓувреме, битолчани го прават она што некогаш им беше незамисливо, се греат на дрва, пелети или на јаглен, поради што нечистиот воздух е речиси константна појава во зимскиот период.

Инаку, топлификацијата на Битола беше мошне актуелна тема и за време на кампањата пред локалните избори во 2009 година, кога тогашниот градоначалник Владимир Талески почна да гради дистрибутивна мрежа за топлификација, која требаше да ги опфати сите институции и јавни установи од левата страна на Драгор. Иако беше ископан канал и беа поставени цевки за топлификација, работите запреа. Со заминувањето на Талески од власт, во заборав замина и неговата идеја.

Пред десетина години беше промовиран и прекуграничен проект со соседна Грција, наречен „Телетерм“. За него беа потрошени стотици илјади евра европски пари, но не беше реализиран. Во сеќавањата останаа само многубројните богати коктели во Битола, Новаци и во Аминдео, во Грција, како и луксузно печатените летоци.
Паралелно со идејата за топлификација на Битола, веќе со години се промовира и „проектот“ за гасификација на Битола. Во општината Битола дури е вработен и експерт, кој исклучиво се занимава со изведбата на тој проект.

Но барем засега не само од топлификацијата, туку и од гасификацијата на Битола нема ништо. Затоа многумина ја поздравија повторната иницијатива за формирање јавно претпријатие за топлификација на Битола, уште повеќе што за тоа има инфраструктура, грејни тела во сите станбени згради, како и стручен кадар.