Операторите од понеделник на полноќ ќе ја реемитуваат само МТВ

653

Здружението на информатичко-комуникациските технологии, кое ги обединува сите оператори, донесе заклучок да го прекине реемитувањето на сите домашни и странски ТВ-канали на 2 март 2020 година вечерта на полноќ.

Операторите ќе продолжат со реемитување на каналите на јавниот сервис: МТВ1, МТВ2 и Собранискиот канал.

Заклучокот за прекин на реемитувањето на телевизиските канали ќе биде во сила сѐ додека надлежните институции не изнајдат прифатливо решение, а операторите нема да наплатуваат за ТВ-услуги за периодот додека трае прекинот.

Ваквиот заклучок на членките на Здружението на ИКТ е последица на последните измени на Законот за аудио и аудиовизуелните и медиумските услуги (ЗААВМУ), што Собранието ги донесе на 16 февруари, а за кои од Здружението велат дека биле донесени по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.

– Имено, законските измени на операторите им наметнуваат обврска да гарантираат за авторските права на програми што тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност за туѓи дејства. Поради тоа, ваквата законска обврска за операторите претставува состојба на виша сила и е неприменлива затоа што операторите што реемитуваат програма не може да имаат ниту контрола ниту одговорност за тоа дали се регулирани авторските права за сите пдделни програми што ги создаваат и емитуваат телевизиите. Операторите се принудени да го прекинат реемитувањето на програмските содржини за да избегнат прекршување на законот поради активности што не се под нивно влијание. На 21.2.2020 година повеќе оператори поднесоа заедничка иницијатива до Уставниот суд за поништување на спорните одредби како неуставни и побараа донесување привремена мерка со која веднаш ќе се одложи примената на усвоените законски измени поради нивна неуставност – велат од Здружението.

Здружението на ИКТ потенцира дека споменатите законски измени се спротивни на ЕУ-директивите и на сите основни принципи на радиодифузната дејност и медиумската политика утврдени од страна на ЕУ.

Операторите велат дека се заинтересирани и подготвени, како и досега, да го вложат целиот свој капацитет и знаење во изнаоѓање прифатливо решение во најкус рок, со што би се избегнале натамошни штети за целата јавност.