Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во истражувањето што го спроведе нашиот весник се дојде до изненадувачки, но истовремено и вознемирувачки сознанија за тоа како со децении се депонирал опасниот отпад надвор од кругот на фабриката, при што се посочува месноста Пеленица, близу Драчево. Поранешни вработени потврдуваат за „Нова Македонија“ дека мистериозни конвои со камиони ноќе влегувале и излегувале од кругот на фабриката и за нив никој ништо не прашувал. Се отвора ли нов предизвик за институциите и надлежните за целосно вклучување во случајот и сеопфатна истрага за можните еколошки и други последици

Никој не знае дали има и колкав е бројот на дивите тајни депонии на кои ОХИС складирал опасни хемикалии надвор од кругот на фабриката. Сомнежите дека отпад се складирал и надвор од фабричкиот круг, на некој начин ги потврди одлуката од пред две години да се затвори излетничкото место Пеленица во близината на Драчево, поради постоење индиции за присуство на опасниот линдан во почвата.
Надлежните се правдаат дека немаат информации дали и каде би можело да има депониран опасен отпад надвор од ОХИС, иако пред две години донеле одлука да ги забранат посетите на Пеленица по дојава од поранешни вработени во оваа фабрика дека дел од опасниот отпад бил изнесуван и надвор.

Одговор немаат ниту локалните власти во Кисела Вода, на чија територија се наоѓа Органско-хемиската индустрија Скопје, од каде што додаваат дека во нивен интерес е да знаат дали има нешто опасно складирано во нивната општина.

ПОВРАЌАЊЕ ПО УЧИЛИШТЕН ИЗЛЕТ

– Пред две години, некаде кон крајот на мај, моето дете беше на училиштен излет токму на Пеленица. Денот беше исклучително топол и кога син ми си дојде дома рече дека на некои деца им се слошило и повраќале. Покрај тоа, ми рече и дека чудно мирисало додека играле фудбал – вели Мирјана Ј., мајка на основец од Скопје.
Таа додава дека во прв момент помислила дека можеби децата повраќале поради жешкото време, но подоцна кога следувала одлуката да се забранат излетите на Пеленица се посомневала дека можеби станува збор за нешто друго.
– Кога ги забранија екскурзиите на Пеленица ми текна на зборовите на син ми за лошиот мирис додека играле фудбал. Навистина, ако има некаде скриени депонии со опасен отпад, треба да се откријат оти тоа е во интерес на сите, особено ако се има предвид дека им се загрозува здравјето на нашите деца – истакнува Мирјана.

МИСТЕРИОЗНИТЕ КАМИОНИ ЗА КОИ НИКОЈ НИШТО НЕ ПРАШУВАЛ

Поранешна вработена во ОХИС, во изјава за „Нова Македонија“, не отфрла можност дел од отпадот од ОХИС да бил изнесуван и надвор од кругот на фабриката.
– Не е исклучено дел од отпадот да се изнесувал надвор, бидејќи уште додека работеше ОХИС постојната депонија во фабриката стана планина и повеќе немаше место каде да се фрла отпадот. ОХИС и потоа долги години работеше, така што не е чудно отпадот да се изнесувал и да се исфрлал на друго место – тврди нашиот извор.

Според соговорниците до кои дојде нашиот весник, обично доцна во ноќта се случувало да влегуваат и да излегуваат камиони за кои никој ништо не прашувал.
– Влегуваа и излегуваат камиони најчесто навечер. Мислевме дека се носи стока, но чудно беше што тоа се одвиваше во доцните часови. Тогаш беа такви времиња, не смеевме многу да прашуваме – додава истиот извор.
И од општината Кисела Вода велат дека не можат да добијат точна информација дали има диви депонии со опасен материјал на нивната територија.
– ОХИС не работи долги години. Недостига голем дел од документацијата, така што ниту ние не можеме да добиеме сигурни информации дали има, или, пак, нема диви депонии со опасен отпад на нашата територија. И ние сакаме да знаеме, бидејќи здравјето на нашите сограѓани ни е најважно – истакна Филип Темелковски, градоначалник на оваа скопска општина, на расправа во врска со опасниот отпад складиран во кругот на оваа фабрика.

Надлежните инспекциски служби, исто така, немаат информации за тоа дали има диви депонии со опасен отпад од ОХИС, а во случајот со Пеленица постапиле откако добиле дојава дека е можно таму да е истуран отпаден линдан.
– Тешко можеме да утврдиме дали има вакви депонии. До информации доаѓаме исклучиво од поранешни вработени, кои велат дека дури и во самиот круг на фабриката се фрлал различен вид хемиски отпад на места каде што не било дозволено – вели Александар Мицковски, советник во Канцеларијата за неразградливи органски загадувачи при Министерството за животна средина и просторно планирање.

УНИШТЕНА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Тој додава дека просторот околу Пеленица бил затворен за ученички екскурзии по дојава за можно постоење депонија со отпаден линдит, но и поради миризбата што се чувствувала на самото место.
– Таа миризба е поизразена летно време, кога температурите се повисоки – нагласува Мицковски.

Според него, веќе е распишан меѓународен тендер преку кој се бара фирма што ќе ја чисти малата депонија во кругот на ОХИС, додека за чистење на поголемата се прави обид од Владата за обезбедување средства.
Мистеријата околу постоењето депонии со опасен материјал надвор од ОХИС останува неразјаснета, бидејќи голем дел од документацијата во фабриката е уништена, а не е исклучена ниту можноста ваквите нелегални дејности воопшто и да не биле евидентирани, за да се избегне реакција од јавноста.
Како и да е, и 20 години по престанувањето со работа на ОХИС, останува тајна колку оваа фабрика низ годините додека работела ги труела граѓаните, а последиците продолжуваат да се чувствуваат и натаму.

Фото: Игор Бансколиев

Официјална потврда за контаминација на Пеленица

Општината Кисела Вода, за да ги провери информациите за складиран опасен отпад, побарала одговор од Министерството за животна средина и планирање, при што им било потврдено дека во месноста Пеленица има остатоци од хемиски отпад.
– На локацијата во месноста Пеленица – Рупа, на запад и во близината на турските гробишта и манастирот во Пеленица, е утврдено количество на НСН – отпадна паста во челични буриња од 200 литри, кои се отстранети на локацијата во 1976 година, во количество од 8.000 м3, на површина од 20х20х10 м. Поради основано сомнение, а врз основа на современите научни и техничко-технолошки сознанија, се заклучи дека локацијата Пеленица – Рупа, во општината Кисела Вода, би предизвикала штетни последици за животната средина, животот и здравјето на луѓето, па поради тоа министерот за животна средина и просторно планирање донесе наредба за преземање активности за отстранување на опасноста и се забрани пристап до локацијата до утврдувањето на мерките и активностите за да се спречи загадување на околината од депонираниот отпад – се наведува во образложението од Министерството за животна средина и просторно планирање за одлуката да се забранат екскурзии на Пеленица.