Опасен гас демне под градинките и училиштата

520
Радонот е еден од изотопите на ураниумот и се претпоставува дека најмногу го има во скопскиот регион

Според надлежните од Институтот за јавно здравје, дополнителен проблем е и што не се врши тестирање на земјиштето пред изградбата на нови градинки и училишта за да се утврди дали има присуство на поголема концентрација на радон и доколку има, да се одбере нова локација

Во градинките и во училиштата во Македонија конечно почна да се врши редовно мерење на присуството на радон, опасен гас што според Светската здравствена организација е вториот ризичен фактор што предизвикува рак на белите дробови. Резултати од ова мерење, според Институтот за јавно здравје, би требало да бидат објавени наскоро, а во меѓувреме битно е да се каже оти без соодветни заштитни мерки, пред сѐ често проветрување на просториите, гасот може да предизвика сериозни здравствени проблеми кај луѓето што се директно изложени.

Инаку, радонот е потежок од воздухот, во поголемо количество може да го има и визбите и во други приземни простории. Особено загрижува фактот што на оваа опасност се изложени најмладите генерации во Македонија. Ваквиот податок, дополнет со алармантно високото ниво на загаденост на воздухот, дополнително ги загрижува граѓаните.

– Помалите деца седат во градинките и училиштата по осум-девет часа за време на целодневната настава. Кога ќе појдам да го земам мојот син, едноставно не се дише во училниците, особено во зимскиот период. Навистина се прашувам што сѐ дишат и во какви услови престојуваат овие наши дечиња – вели Атанас Трајановски, родител на ученик во трето одделение во едно скопско училиште.

Наспроти предупредувањата на Светската здравствена организација, домашните лекари се воздржани.

– Од година на година расте бројот на заболени од рак на белите дробови, но никој не може со сигурност да каже што го предизвикува тоа – вели докторот Дејан Докиќ, алерголог и пулмолог.

Според него, потребна е подобра дијагностика за да се утврдат точните причини што го предизвикува зголемениот број вакви случаи.

– Општиот број заболени од рак на белите дробови е зголемен и од година на година расте – додава Докиќ, не исклучувајќи ја улогата на радонот, како и на азбестот при појавата на болеста.

Но од Институтот за јавно здравје смируваат.

– Мерењата привршуваат, сега се вршат повторени мерења или подетални мерења кај некои објекти за да се утврди точното ниво на радон во училиштата. Резултатите би требало да бидат објавени овој месец – вели Лидија Николовска од Институтот за јавно здравје.

Таа додава дека мерења биле вршени на три месеци, на шест месеци и на една година.
Дополнителен проблем е и што не се врши тестирање на земјиштето пред изградбата на нови градинки и училишта за да се утврди дали има присуство на поголема концентрација на радон и доколку има, тогаш да се одбере нова локација.

Според стандардите на ЕУ, дозволени количества радон се 200 бекерели за нови објекти, а 400 за веќе изградени објекти. Единствен начин за заштита од овој опасен гас е често проветрување и вградување квалитетни системи за вентилација.

Потеклото на радонот се смета дека е од распаѓањето на ураниумот во длабоките геолошки структури. Најчесто се сретнува во пониските катови од објектите или визбите, а неговата застапеност со повисока концентрација зависи од неколку услови, меѓу кои и присуство на геолошки раседи или пукнатини, присуство на термоминерални извори на вода и слично.

Радонот е еден од изотопите на ураниумот и се претпоставува дека најмногу го има во скопскиот регион, а во околните земји е присутен и на Косово, во Црна Гора, БиХ, Далмација и Истра во Хрватска, каде што составот на карпите, многубројните раседи и конфигурацијата на теренот овозможуваат радонот во поголеми количества да се појавува на површината на земјата.

Во Србија од 1 март оваа година е задолжително поставување мерачи на радон во повеќе од 1.000 градинки и основни училишта, додека во Хрватска има континуирано мерење на нивото на овој опасен гас.

Како и да е, новите еколошки норми нѐ натераа од нашите станбени простори да направиме херметички затворени „стакленици“. Природните материјали ги заменивме со технолошки модерни материјали. Имаме енергетски ефикасни прозорски стакла, двослојни и трослојни. Навистина, сега нашите станбени простори ги загреваме со помалку енергија, но од друга страна, како да се подготвуваме за идните „хемотерапии“.


Радонот ги успа жителите на малото казахстанско село Калачи

Веста за малото село во Казахстан, кое странските медиуми го нарекоа Сонливата долина, се прошири во 2014 година низ целиот свет. Тогаш јавноста дозна за епидемија од необјаснива болест што ги зафати жителите на периферното казахстанско село Калачи. Болеста се манифестирала со создавање течност во мозокот, поради која заболените понекогаш спиеле со денови.
Лекарите не успеваа да утврдат што ги погодило тие 14 отсто од селското население, кои, освен повеќедневен сон, се пожалиле и на вртоглавица, умор, проблеми со помнењето, а во некои случаи и халуцинации. Локалните жители тврдеа дека причина за оваа појава е напуштениот советски рудник за ураниум, иако рударите што со години работеле во тој рудник немале слични проблеми. Истрагата покажала дека причина за болеста сепак биле рудниците на ураниум или, поточно, гасот радон што се пробил на површината и полека го труел месното население во Калачи.