Опадна побарувачката за добиток за Курбан-бајрам

565

Сопствениците на стада овци што нудат дел од својот добиток за овој празник, велат дека оваа година интересот за купување е нешто помал

Деновиве живоста на кичевскиот добиточен пазар беше незначително зголемена, а причина е денешниот верски празник Курбан-бајрам, кога традицијата наложува да се заколе жив добиток, овца или овен, и во поредок случај оние поимашливите да заколат покрупен добиток, теле или крава.

– За овој верски празник кај нас муслиманите вообичаено се колат овца или теле. Колењето на добитокот се врши на самиот ден Курбан-бајрам. Месото се дели на четири еднакви дела и дел од него им се подарува на пријатели, роднини или соседи, на кои им недостига месо за големиот празник, а дел се остава во домот, каде што за овој празник доаѓаат роднините и пријателите, како дел од традицијата – вели Алија Зулбеароски, жител на Кичево.

Во набавките на добиток за Курбан-бајрам, неопходно е животното да биде постаро од две години и да ги има сите заби. Што се однесува до цените на добитокот тие се слични како и претходните години и за оваа намена треба да се обезбедат барем стотина евра, за да се купат овца или овен во зависност од неговата големина и тежина.

Сопствениците на стада овци што нудат дел од својот добиток за овој празник, велат дека оваа година интересот за купување е нешто помал.

– Иако веќе неколку дена дел од нашето стадо овци го продаваме на добиточниот пазар, сепак, ние сточарите не можеме да бидеме задоволни од бројот на продадени овци. Од година на година продажбата за овој верски празник опаѓа. Намалувањето на продажбата се должи пред сѐ на поголемата сиромаштија на населението од нашиот регион. Инаку, цените на овците со години не се променети и се движат од 90 евра за овца до 160 евра за покрупен овен – објаснува Мерсим, сопственик на стадо овци од селото Мамудовци.

И за помалку упатените, видливо е помалото присуство на купувачите. Сточарите истакнуваат дека во другите региони од западниот дел на земјава добитокот има и повисоки цени, но тоа се должи пред сѐ на поимашливото население од тој регион.