Од Институтот за хемија бараат нови вработувања и подобри услови за работа

114

Создаваме способни оформени кадри кои заминуваат во странство бидејќи со години не се овозможуваат вработувања на млади соработници, уловите за работа во лабараториите се примитивни и немаме средства за истражувачка работа, алармираа од Институтот за хемија на денешниот едночасовен мирен протест.

Вработените и студентите од овој институт при Природно-математичкиот факултет бараат итно да се одобрат барањата за нови вработувања на млади соработници, бараат средства за реновирање и опремување на студентските лабаратории, како и за реновирање на зградата и во буџетот да се предвидат средства за научно-истражувачка работа.

Според Марина Стефова, раководителка на Институтот за хемија, нејасно е како може државата да стипендира магистерски и докторски студии на странските, а не и на универзитите во нашата земја.

-Веќе осум години не е добиена согласност за вработување асистент, а во меѓувреме се случуваат редовни пензионирања на професорите и лаборантите, кои се исто така неопходен дел од практичната настава. Проблемот низ бројки е многу јасно видлив: од вкупно 58 вработени во 2000 година (33 наставници, 11 асистенти и 14 лаборанти), во 2010 биле 44 (30 наставници, 4 асистенти и 10 лаборанти), денес на Институтот работат 24 вработени, од кои 20 наставници (15 редовни професори), 4 лаборанти и ниту еден асистент. Во исто време, бројот на студенти во последните десетина години нема битни промени и дури е во благ пораст со просечно 50 нови студенти на прв циклус студии секоја година и вкупно меѓу 250 и 300 студенти на сите три циклуси на студии – рече Стефова.

Протестот го поддржаа околу 200 вработени и студенти, како и деканот на ПМФ, Ицко Ѓоргоски и деканската управа.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, го коментираше денешниот протест  и рече дека за овој институт имаат доставено барање до Министерството за фианснии за нови вработувања за двајца асистенти и за тројца виши лаборанти.