Одржана 117. владина седница, министрите Албанци говореа на мајчин јазик

301

Владата денеска ја одржа 117. седница, а на неа, како што информираа од владината прес-служба, членовите на Владата кои се припадници на албанската заедница говореле на својот мајчин јазик согласно одредбите од Законот за употреба на јазиците.

– Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев истакна дека примената на Законот за употреба на јазиците на седниците на Владата, извршната власт, освен што го овозможува законското право, истовремено дава пример дека употребата на јазиците на заедниците, таму каде што тоа го регулира законот е и цивилизациско право и потврда дека нашата земја не само декларативно, туку и практично ги овозможува правата на сите заедници, наведуваат од Владата.

На седницата е усвоена законодавната агенда на Владата за периодот од јануари до јуни годинава и донесена е одлука законските приоритети да бидат доставени до Собранието на Република Македонија.

На предлог на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, донесена е одлука за давање на согласност на Договорот за долготраен закуп на градежно земјиште со Друштвото за трговија и услуги Малхотра Кејблс Европа Лимитед ДООЕЛ Скопје, како најнова, 17-та странска инвестиција од почетокот на работата на актуелниот состав на Владата.

Министрите го разгледа и Предлог – законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан. Со заемот ќе се обезбеди и поддршка за развој на Интелигентен транспортен систем-ИТС на дел од Коридорот 10, како и поддршка преку Единицата за  имплементација на проектот, која ќе функционира во рамки на Министерството за транспорт и врски.

На владината седница усвоени се Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година, Предлог-законот за прекинување на бременоста, како и Информацијата за можноста за обезбедување техничка помош од Владата на СР Германија за проценка и утврдување на потребите за реконструкција на студентските домови во Република Македонија.

Усвоена е и Информацијата за проектот за „Изработка на проектна документација за велосипедски патеки во одбрани градови во Македонија“ и задолжено е Министерството за транспорт и врски  во рок од три дена да донесе план за измени на планот за набавки 2014-2020 за проекти кои се финансираат преку ИПА 2 инструментот на Европската Унија за операционализација на овој проект кој првично ќе ги опфати градовите Скопје, Тетово, Штип и Охрид.

На денешната седница усвоен е и Предлогoт за поведување постапка за водење преговори за склучување на договор меѓу владите на Сојузна Република Германија и Република Македонија за соработка во борбата против криминалот.

Владата го задолжи и Министерството за култура да спроведе постапка за пренамена на објектот со скулптурална композиција (споменикот на Мајка Тереза) и да распише јавен конкурс за идејно решение за пренамена на објектот. За резултатите од спроведените активности ќе треба да ја информира Владата во рок од пет месеци.