ОДГЛАСИ ОД РЕФЕРЕНДУМСКАТА КАМПАЊА

268

Шеќеринска: Граѓаните посакуваат државата да тргне напред

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, на вчерашното отворање на 4-от Мобилен летен универзитет на Балканот на правниот факултет „Јустинијан Први“, истакна дека фокусот на референдумот е поради тоа што секој ден гледаме дополнителни аргументи зошто Македонија треба што поскоро да стане членка на НАТО и на ЕУ.

– Фокусирани сме на референдумот заради тоа што гледаме дека огромно мнозинство граѓани на оваа држава посакуваат да се реши проблемот и државата да тргне напред – истакна таа.
Министерот за финансии Драган Тевдовски, по средбата со градоначалникот на општината Куманово, Максим Димитриевски, ги повика кумановци да излезат на гласање и истакна повеќе економски бенефиции што ќе ги имаат граѓаните со приближувањето кон евроатлантските интеграции. НАТО, посочи министерот, е најсилен воен сојуз, што е гарант за безбедност, што, пак, е значајно за инвеститорите, а ЕУ е најсилниот поддржувач на Македонија.

Евроатлантскиот интегративен процес на Република Македонија и претстојниот референдум беа во фокусот на средбата на заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски со Ален Ле Роа, француски амбасадор и поранешен специјален пратеник на ЕУ во земјата.
Амбасадорот Ле Роа упати силна поддршка за претстојниот референдум, како предуслов за нашето конечно интегрирање во НАТО и во ЕУ.

– Официјален Париз цврсто стои зад евроатлантските аспирации на Република Македонија – нагласи Ле Роа на состанокот.
Жерновски истакна дека Република Македонија се наоѓа пред историски момент и историска шанса за граѓаните да го трасираат патот на државата во иднина.
Движењето Беса на неколку средби со жителите на Боговиње и Тетово повикаа граѓаните да гласаат за референдумот.

– Едно силно ДА на референдумот значи да станеме дел од НАТО, а со тоа и поголемо присуство на меѓународната контрола во Македонија во борбата против корупцијата, поголем придонес на меѓународната заедница за подобрување на благосостојбата на граѓаните и владеење на правото.

Граѓанската организација „Цивил“, пак, организира промотивна кампања за запознавање на граѓаните со значењето на референдумот и важноста од искористување на правото на глас на 30 септември.

– На граѓанките и граѓаните во државата им укажуваме колку е важно да излезат на референдумот и да го остварат и искористат своето уставно и законски загарантирано право на глас за да го искажат својот став. Не е важно дали ќе гласаат за или против, или како по сопствено убедување ќе го дадат својот глас, важно е да учествуваат во одлучувањето за подоцна да немаат простор и причина да кажат зошто се одвиваат работите на овој или оној начин – рече Билјана Јордановска.

Европарламентарците Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан вчера од Скопје порачаа дека од референдумот зависи европската иднина на земјата.


Мицкоски: Животот што го ветуваше Заев се претвори во колективно страдање

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, завчера на средбата со граѓаните и членовите на општинскиот комитет на партијата во Свети Николе истакна дека секогаш кога СДСМ е на власт, Македонија губи по нешто. Според него, животот што го ветуваше Зоран Заев во предизборниот период не само што не го донел туку го претворил и во нивно колективно страдање.

– Овде, во Свети Николе, бев сведок на многу такви сведочења од граѓаните, без разлика каде се вработени, во државната управа, во локалната самоуправа, кои велат дека на дневна основа имаат притисок од нивните надредени, локални функционери на СДСМ, кои ги тераат, им се закануваат со губење работни места доколку не го поддржат ова капитулантско дело на Зоран Заев – рече Мицкоски.

Тој на средбата со европратениците Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, но и со германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лаин, истакнал дека неговата партија не може да го прифати договорот со Грција, бидејќи, како што рекол, е спротивен на македонските национални и државни интереси, а во иднина се отвора и можноста да биде искористен како правен механизам за блокада на македонските евроатлантски интеграции.