Ова е најсрамен ден во историјата на Македонија

1697

По потпишувањето, новата спогодба, независно дали е потпишана од претседателот, премиер или министер на МНР, ќе биде валиден правнообврзувачки меѓународен акт, независно од тоа што не се, на пример, почитувани домашните процедури или надлежности. Исто така ако истата таа не биде ратификувана, тоа нема да влијае на правното дејство, односно таа ќе биде валиден правнообврзувачки документ

Игор Јанев


Од почетокот на проблемот за името во ООН во 1993 година, политички тела на ООН не разбрале дека не станува збор само за „државно име“, туку станува збор и за националниот идентитет, негирање на секој елемент на нашата нација, јазикот и културата. Сега се бара да потпишеме во спогодбата/компромисот со Грција дека НЕ СМЕ МАКЕДОНЦИ и ДЕКА НАШАТА НАЦИЈА НЕ ПОСТОИ! Оваа димензија на ИМЕТО никогаш не беше објаснета во ООН и државите-членки на ООН не се свесни дека со проблематизирање на ИМЕТО се доведуваат во прашање националниот идентитет и културата на цел еден народ! Никаква резолуција на Советот за безбедност или на Генералнo собрание на ООН не може да инсталира механизам за БРИШЕЊЕ на ИДЕНТИТЕТОТ на еден народ и на една држава!
Со новата трајна спогодба (компромис за името-идентитетот) планирана од Македонија и од Грција, Привремената спогодба ќе се замени, но нема да се поништи претходната пресуда, посебно не онаа од Хаг, но битно е дека со новото име, сегашна привремената референца ќе се замени со нелегитимна ТРАЈНА РЕФЕРЕНЦА. Односно со нова нелегитимна референца, која не е израз на волјата на народот.
Оваа како договорно и компромисно воспоставен идентитет не е легитимна како назив, а со тоа тешко дека ќе може да биде одржливо легално решение, бидејќи подразбира дека претходно постоел СПОР или РАЗЛИКА околу името, а споровите за државни имиња не постојат, ниту можат да постојат, па произлегува дека компромисното име е наметнато (како и привремената референца), а не е израз на ВОЛЈА на народот. Избор на името на народот, нацијата, па оттаму и уставното име (како основна уставноправна категорија) е основно право на народот, а уставното име е ЈУС КОГЕНС во внатрешната јурисдикција на државата, како основно државно право.

Од фактот дека новото име не претставува израз на суверена волја на народот, таков назив не е државно име и нема легитимитет (согласност) на народот, туку станува збор за ВЕШТАЧКА ТВОРБА или за референца креирана со компромисен меѓународен договор! Ваквата творба е ТРАЈНА РЕФЕРЕНЦА односно ВЕШТАЧКА ТВОРБА. Таа нема изворен и директен (народен) легитимитет.
Пресудата од Хаг јасно укажува дека не постои ниту иредентизам ниту кражба или фалсификат на името (идентитетот) и историјата, и консеквентно дека сите грчки барања се нелегитимни и без правна основа. Овој став на судот и понатаму останува правно релевантен.
Но при разгледувањето на предметот во судот, фактот дека Привремената спогодба не е ратификувана во грчкиот парламент не беше пречка судот да се прогласи за надлежен и да се потврди дека станува збор за валиден документ. Ова е и општото правило, бидејќи меѓународните спогодби не мораат да бидат ратификувани за да имаат меѓународноправно дејство.
Сега ако се склучи потпишување на новата спогодба, независно дали е потпишана од претседателот, премиер или министер на МНР, таа ќе биде валиден правнообврзувачки меѓународен акт, независно од тоа што не се, на пример, почитувани домашни процедури или надлежности. Исто така ако истата таа не биде ратификувана, тоа нема да влијае на правното дејство, односно таа ќе биде валиден правнообврзувачки документ.
Од политичка гледна точка, за мене најинтересно е дека фактори во Македонија не разбираат дека проблемот има СИСТЕМСКИ карактер, односно не зависат од добра или од лоша волја на двете или само една страна. Во општата теорија на системите е познато дека со вложување поголема енергија не се добива пропорционален ефект, туку резултатот може системски да биде и (значително) намален аутпут. Синергистичките односно колективните ефекти можат да бидат со негативен принос односно со ентрописки карактер.
Со интензивирање на преговорите резултанта се сѐ полоши предлози од грчката страна, дури многу полоши и од дифолтната референца, која е и основната почетна причина за наметнато преговарање (со мотивациска интенција да се добие подобро решение од почетното т.е. од референцата). Нормално, сега сите грчки опции се под нивото на неприфатлива референца (по содржина), а идната РЕФЕРЕНЦА уште понеповолна, треба да стане и трајно решение или поточно трајната референца на т.н. „проблем“. Од таа гледна точка проблемот нема решение.

Авторот е дипломат и експерт за меѓународно право