Објавен оглас за распределба на 53 социјални станови

71

Министерството за транспорт и врски денеска објави оглас за распределба на 53 станови за социјално најранливи категории граѓани, од кои 43 стана во Кочани и 10 во Македонски брод.

На огласот, што е отворен до 6 август, се распределуваат станови со површина од 35 до 45 метри квадратни, изградени преку Програма за изградба и одржување станови во сопственост на државата.

За становите ќе можат да аплицираат седум социјално ранливи категории граѓани, како што се деца без родители или родителска грижа над 18 години кои дотогаш биле згрижени во институции и други облици за згрижување по тој основ и корисници на социјална или постојана парична помош и лица погодени од елементарни-природни непогоди без разлика на правниот статус на нивните постојни (примарни) живеалишта. Дел од тие категории се и инвалидни лица и лица на кои им е потребна помош и грижа од друго лице и семејства со инвалидизирани лица, припадници на Ромската заедница социјално загрозени, самохрани родители со малолетни деца и слепи лица корисници на социјална или постојана парична помош

– Социјалните станови ќе се распределуваат во транспаретна постапка преку електронска распределба согласно Методологијата за бодирање на кандидати за добивање социјален стан под закуп. Предност при добивањето на стан ќе имаат децата без родители или родителска грижа –лица над 18 години кои до својата осумнаесетта година биле згрижени во институции и други облици за згрижување за деца без родители – рече на прес-конференција министерот за трансппрт и врски Горан Сугарески.

Лицата кои ќе аплицираат треба да бидат државјани на Македонија, со постојано место на живеење во општината каде е изграден социјалниот стан и да не поседуваат стан во лична сопственост, на брачниот другар и на полнолетните членови на неговото заедничко домаќинство на територијата на државава.

Потребната документација се поднесува во меѓуопштинските центри за социјална работа во општините за каде се однесува огласот, а службениците од тие институции се обврзани да помогнат при комплетирањето на документите на лицата кои не се во можност да го направат тоа.

Како што укажа Сугарески, подносителот на барање за добивање социјален стан може да поднесе документација и да аплицира само за една од седумте категории корисници. Доколку лицето или некој од членовите на неговото заедничко домаќинство аплицира во повеќе од една од категориите на корисници, сите поднесени обрасци ќе бидат отфрлени.

Со Програмата за изградба и одржување станови во сопственост на РМ годинава треба да бидат завршени 41 стан во Струмица и 70 во Гостивар. За нив се завршени 90 проценти од предвидените работи.

Воедно, во Скопје е во тек постапка за издавање одобрение за градење за 312 станови, се подготвува јавна набавка за избор на компанија за изградба на 48 станови во Пробиштип, за 62 стана во Неготино се врши проектирање, и се дополнува проектната документација за 34 станови во Пехчево, за 54 во Свети Николе и за 39 во Виница.

Во тек на 2019 и 2020 година се планира изградба на 355 социјални станови во Скопје, Гевгелија, Куманово, Дебар, Велес и Тетово.

Преку Програмата досега се изградени 731 стан во 15 општини.