Објавен конкурс за „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“

30

Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) по трет пат го распиша конкурсот за доделување на „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“.

– Станува збор за доделување на награди за новинарство „одоздола“, односно награди за новинари кои пишуваат на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи. Она што овој проект го прави уникатен е составот на жирито, односно улогата на членови во жирито ја имаат исклучиво луѓе кои имаат искуство со живот во сиромаштија – велат од МППС.

Наградите имаат за цел промовирање на новинарство кое ги опфаќа многуте аспекти на сиромаштијата и социјалната исклученост, поддржуваат известување кое ги почитува граѓаните и внимава на нивното достоинство и изразуваат поддршка на новинарите кои им даваат видливост и гласност на граѓаните кои вообичаено не ги гледаме и слушаме. Конечната цел е да се доделат награди на општествено посветени новинари, кои внимаваат да не градат стереотипи и не се водат од сензационализам.

Краен рок за доставување на сториите е 01.02.2020 година, на е-маил адреса [email protected]