Обновени лектирните изданија на „Сакам книга“ и „Природо, љубов моја!“ од Кујунџиски

33

Обновените лектирни изданија на книгите „Сакам книга“ и „Природо, љубов моја!“ од Александар Кујунџиски деновиве ќе бидат објавени. Книгите од септември влегуваат во редовната наставна програма како лектири за трето, односно за четврто одделение. Новите изданија имаат и нов изглед со илустрациите на Фросина Андревска.

Книгите се во издание на „Антолог“. „Сакам книга“ содржи раскази, песни, сказни и драматизации во кои ќе ужива секое дете. Книгата првпат е објавена во 2006 година и досега е преведена на албански, турски, ромски, влашки/аромански, српски, хрватски, црногорски, босански/бошњачки, словенечки, германски и на англиски јазик.

„Природо, љубов моја!“ е книга што целосно е посветена на природата и на грижата за неа, со која авторот е комплетно поврзан. 

Кујунџиски досега објавил над сто книги за деца и млади и десетина за возрасните читатели. Меѓу големиот број изданија со песни, раскази, сказни, басни, романи, сликовници, пиеси, радиодрами, гатанки и брзозборки што овој автор им ги посветил на децата спаѓаат и „Немирен ден“, „Другарувања“, „Капка по капка – океан“, „И од пиле млеко“, „Кралот Ал Со Крпен Шал“, „Мотошишарка“, „Расцветани сказни“, „Нека патува добрината“, „Театарче Клопотарче“, „Осилки“, „Одлична единица“, „Гатанки-катанки“, „Мои бои“, „Букви-укви-кви“, „Броеви-роеви“, „Зборчиња-изворчиња“, „Гнездо од бетон“, „И строфите растат“…