Обезбедени 98 милиони денари во борбата против аерозагадувањето

49

Владата на Република Македонија на денешната 103-та седница донесе одлука со која обезбедува првични 98 милиони денари во борбата против аерозагадувањето, кое станува стратешки приоритет на Владата.

– Донесена е одлука со која намалувањето на аерозагадувањето се утврдува како стратешки приоритет за идната година. Како првични средства за оваа намена во Буџетот за 2019 година се предвидени 98 милиони денари, со препорака за обезбедување дополнителни финансиски средства за оваа програма да се искористат постоечките потенцијали од донаторската заедница – се вели во соопштението од владината прес-служба.

На 103-тата седница, како што информираат, Владата го разгледала и предлог планот и мерките за утврдување Програма за намалување на аерозагадувањето во рамките на стратешките приоритети на Владата на Република Македонија.

За таа цел, Владата го задолжи Министерството за финансии да ја вклопи Програма за намалување на аерозагадувањето во предлогот за Буџетот на Република Македонија за 2019 година.