Нуредини на консултативна средба за предлог-мерки за спас на Преспанското Езеро

89

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, заедно со министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Арјанит Хоџа, и градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, се обратија на јавната трибината, која денеска се одржа во Ресен и на која се работеше на изнаоѓање на конкретните активности и мерки за заштита и надминување на алармантната состојба со водостојот на Преспанското Езеро.

На трибината се собраа претставници од стручната јавност, државните и општинските институции, проектните единици и меѓународните партнери, кои работат на тематски активности во Преспанскиот Регион, како и граѓанските организации и иницијативи.

Укажувајќи на суштинската важност на воспоставувањето на трилатералната соработка со државите со кои ги делиме водите на Преспанското Езеро, министерот Нуредини ја потенцира важноста на активностите што и ние како држава ќе ги сработиме. Притоа тој нагласи дека голем број проекти поврзани со Дримскиот Базен, со самото Преспанско Езеро или со природата во Преспа паркот, се реализираат во регионот и многу е јасно дека иницијалниот чекор за креирање соодветни решенија е собирањето на постојните податоци, споделувањето на сознанијата и консолидација на заклучоците до кои е дојдено во рамките на проектите.

Разни видувања на проблемот со алармантното намалување на водостојот на Преспанското Езеро преку презентации дадоа од Секторот за животна средина при Општина Ресен, од Македонското еколошко друштво, Хидробиолошкиот завод во Охрид, од Секторот природа при Министерството за животна средина и просторно плнирање, од тимот за ревизија на планот за управување со споменикот на природата – Преспанското Езеро и од Биотехничкиот факултет од Битола.

Усогласување на методологијата и обезбедување континуиран мониторинг во трите држави што го делат Препанското Езеро, вклучување и анализа на податоци за земјоделскиот сектор и неговото влијание во правец на испитување на влијанието на потрошувачката на вода за наводнување заради зголемувањето на земјоделскиот сектор во регионот, потребата од изнаоѓање алтернтивни начини на наводнување на земјоделските површини, како и изработка на сериозна научна студија за влезот и излезот на водите во езерото, се главните заклучоци донесени на крајот на дискусијата на сите засегнати страни.