Нотарски денови: Промовиран регистарот на тестаменти на Нотарската комора

356

Согласно законската обврска за редовно стручно усовршување и едукација на нотарите, на 19 и 20 октомври 2019 година, во хотел Изгрев, Струга се одржаа редовните есенски Нотарски денови во организација на Нотарската комора на Република Македонија.

Покрај задолжителното присуство на сите нотари и дел од вработените во нотарски
канцеларии, овие Нотарски денови беа збогатени со присуството на државниот секретар во Министерство за правда, г. Фатон Сељами, претседателот на Основниот граѓански суд Скопје, г. Илир Сулејмани и заменик претседателот, судија Наталија Донева, судиите на Основниот граѓански суд Скопје – Ирена Костадинова Ангелова, Љубица Колиќ и Софија Спасова Медарска, судијата на Основен суд Велес, Александар Шопов, професорите на Правниот факултет Јустинијан Први, Скопје – проф. д-р Никола Тупанчески и проф. д-р Ангел Ристов, извршител Владе Милевски, член на Управниот одбор, претседателот на Комората на медијатори, г. Славе Младеновски и медијаторите Милева Младеновска, Билјана Азеска Толеска и Дејан Белевски, претставникот од Агенцијата за катастар на недвижности, г-ѓа Татјана Ценова Митревска, членот на Комисијата за полагање на нотарски испит – Златко Николовски, нотар во пензија и надворешните соработници на Комората – судиите во пензија Ранко Максимовски, Фиданчо Стоев и Зулфиќар Сејфулаи, нотар во пензија.

Нотарските денови ги отвори претседателот на Нотарската комора, г. Васил Кузманоски со упатување поздрав до излагачите и гостите, и по краток осврт кон темите, го промовираше и даде кратка информација за воведувањето и значењето на Регистарот на тестаменти, кој Нотарската комора започна да го води во електронска форма од 1 јули 2019 година. Во неговото обраќање истакна дека законската основа за овој регистар е дадена во Законот за нотаријатот од 2016 година, а содржината, формата и начинот на упис се уредени со Правилникот донесен од Министерот за правда. Нагласи дека со воведувањето на оваа новина, Република Македонија се приклучи во редот на европските земји кои веќе години наназад го имаат овој битен регистар.

Нотарските денови продолжија со излагањата од предвидената Програма, при што акцент беше даден на теми во врска со оставинската постапка која нотарите ја вршат како доверена работа од судот, но и други теми кои се од интерес и потреба за нотарското работење.

  • Прва тема: „Отворени прашања и дилеми во врска со нотарските исправи со
    извршна клаузула, ништовност на нотарски акти и укинување на потврда на
    извршност“.
  • Втора тема: „Реформи во наследното право и посебен осврт на наследните права
    на чуваник и хранител, одделување на имот од наследникот, примената на
    институтот легат во тестаментално наследување и наследување на земјоделско
    земјиште “.
  • Трета тема: „Судска практика и проблеми во оставинската постапка со посебен
    осврт на наследните права на чуваник и хранител, одделување на имот од
    наследникот, примената на институтот легат во тестаментално наследување и
    наследување на земјоделско земјиште“.

Вториот ден од Нотарските денови беше посветен на разгледување на прашања и
дилеми во нотарското постапување од страна на Стручниот совет на Нотарската комора.

Како и претходните, така и овие Нотарски денови се покажаа како најдобро избран
механизам за стручно усовршување и надоградување на нотаријатот во Република Македонија.