Нови 48 американски волонтери ќе помагаат на локалното население низ Македонија

148

Нови 48 американски волонтери на Мировниот корпус денеска положија официјална заклетва пред американскиот амбасадор Џес Бејли. Ова е дваесет и третата група волонтери што ќе живеат и работат во Македонија, од отворањето на канцеларијата во земјава во 1996 година.

Новите волонтери ќе се приклучат на групата која брои повеќе од 750 волонтери, кои досега служеле во Македонија.

-Волонтерите не само што го преставуваат најдоброто што му го нуди Америка на светот, туку со себе го враќаат и најдоброто што може Македонија да го понуди на светот и САД, градејќи долговечен мост на соработка меѓу луѓето – рече Бејли.

Како дел од подготвителната обука волонтерите живееја во семејства домаќини изучувајќи го македонскиот и албанскиот јазик и култура. Тие имаа можност и за практична обука предавајќи во локалните училишта и помагајќи во невладините организации.

-Волонтерите живеат заедно со локалното население, работат со нив и им помагаат. По две години кога тие заминуваат велат дека нивното време во Македонија не само што ги променило, туку и ги трансформирало. Тие имаат повеќе самодоверба и подготвеност за решавање на проблеми – рече директорот на Мировниот корпус во Македонија Марк Ханафин.

По давањето заклетва, од сабота новите волонтери на Мировниот корпус ќе ја почнат својата двегодишна служба во заедниците во 35 различни општини во Македонија. Тие ќе работат како наставници по англиски јазик во училиштата, во областа на развојот на заедниците во невладини организации и општини, како и дефектолози во дневните центри за лица со посебни потреби.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска потенцира дека оваа институција и Мировниот корпус имаат одлична неколкугодишна соработка како дел од Програмата за развој на заедниците. Соработката, додаде, опфаќа поддршка на ранливи групи на граѓани, лица и деца со попреченост згрижени во државните дневни центри и центрите управувани од страна на граѓанските организации.

Дел од волонтерите кои дадоа свечена заклетва, ќе работат во организации, дневни центри и специјални училишта заедно со специјалните едукатори и ќе им даваат поддршка преку споделување на нови вештини и идеи, обуки за нови методологии, директна работа и поддршка за корисниците и нивните родители.

На настанот се обратија и министрите за образование и наука и за локална самоуправа, Арбер Адеми и Сухејл Фазлиу.

Адеми појасни дека дел од волонтерите ќе бидат вклучени во работата на основите и средните училишта, за, како што рече, да придонесат во подобрување на наставата, цел на која, според него е фокусирана и Владата.

Министерот за локална самоуправа, пак, присуството на волонтерите е особено значајно за локалните заедници оти Мировниот корпус повеќе од две децении со своите активности дава голем придонес во зајакнување на пријателството и соработката меѓу Македонија и САД.