Нови протести против поскапувањето на струјата, блокиран автопатот Тетово – Скопје

131
По одлуката за поскапување на цената на електричната енергија, одржани се повеќе протести низ Македонија / Фото: Игор Бансколиев

Во знак на револт поради зголемената цена на електричната енергија, денеска група граѓани од Тетовско го блокираа автопатот Тетово-Скопје. 

Организацискиот одбор на социјалните мрежи го имаше најавено собирот за денеска во 16.30 часот пред Монополот во Тетово. Протестот траше до 17.30 часот, сообраќајот на автопатот беше во прекин, а полицијата ги пренасочуваше возилата по регионалниот пат Тетово-Скопје. Од 17.45 по заминувањето на демонстрантите, а сообраќајот повторно почна нормално се одвива.

Ова е трет протест против поскапувањето на електричната енергија во Тетово. Претходните два протеста во Тетово беа одржани на 7. и 14. август. Ноќта на 14 август во Тетово беа запалени и две возила на ЕВН.

Со блокади на две главни крстосници денеска и во Скопје се протестираше против поскапувањето на цената на електричната енергија. Маршот започна од паркот Чаир, беше блокиран булеварот кај Трговскиот центар „Мавровка“, како и кај „Рекорд“.

Организаторите побараа Владата да ги прифати барањата на граѓаните што е можно побрзо, а на протестот исто така се придружија и Конфедерацијата на слободни синдикати и разни невладини организации.

Демонстрантите бараат Регулаторната комисија за енергетика да ја повлече одлуката за зголемување на цената на електричната енергија за 7,4 отсто, и да ја намали цената за 46 отсто за домаќинствата. Исто така побарана беше либерализација на пазарот на енергија, како и намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 отсто.