Нови идеи за размена на територии ги будат старите духови

999

Вооружени и маскирани лица на албански јазик им порачаа на политичарите од регионот да престанат да продаваат или да тргуваат со територии за свои лични интереси, зашто во спротивно регионот ќе стане ново воено жариште

Вооружена екстремистичка група, која се претставува како Албанска национална армија (АНА), во пропагандно видео објавено на Интернет се закани дека е подготвена во секој момент да дејствува во регионот доколку албанските политичари од Албанија и од Косово не им ги уважат нивните барања. На видеото, кое во меѓувреме е отстрането од Твитер, вооружените и маскирани лица на албански јазик им порачуваа на политичарите од регионот да престанат да продаваат или да тргуваат со територии за свои лични интереси, бидејќи ако го сторат тоа регионот ќе стане ново воено жариште, пренесува српскиот весник „Политика“.

– Мора веднаш да прекинат разговорите за трговија со териториите на Северна Митровица и на Прешевската Долина инаку регионот ќе биде нападнат – порачаа милитантите во видеозаписот.

Во меѓувреме, за снимката се огласија повеќе експерти за безбедност од Балканот. Повеќето од нив делат исто мислење, а тоа е дека не треба сериозно да се гледа на овие пораки, зашто тие не се директна закана за безбедноста на целиот регион. Сепак, домашните познавачи на безбедносните околности укажуваат дека е можно да се реални и точни пишувањата на некои странски медиуми дека во земјите од Балканот, меѓу кои и во Македонија, освен што има повратници од Исламска држава, може да функционираат и кампови за обука и регрутирање екстремисти, кои можат да направат безбедносни потреси на кои повикуваат припадниците на АНА во видеото. Тие во исто време укажуваат дека ширењето на радикализмот во Западен Балкан би можело да претставува закана за стабилноста на регионот.

Според безбедносниот експерт Благоја Марковски, Македонија се наоѓа во една сложена ситуација по отворените најави за редефинирање на границите во опкружувањето па оттаму советува постојано да се мониторира северната граница иако, според него, не постои некоја сериозна закана по безбедноста на земјава по објавувањето на ваквите видеоматеријали на екстремистички вооружени групации.
– Станува збор за веќе позната терористичка односно вооружена групација чии денешни ќелии се остатоци од поранешните ОНА и АНА, вооружени организации што не се помирија со фактите произлезени од Охридскиот рамковен договор односно со осамостојувањето на Косово по пат на договор и со помош на меѓународните структури во соседството.

– Тие повремено се јавуваат секогаш кога настанува некакво приближување на ставовите, кои водат кон решавање на кризните состојби и на Косово, но и во Македонија и од тој аспект тие ги издаваат овие закани и видеосоопштенија – вели Марковски.
Тој додава дека не станува збор за сериозна вооружена групација, бидејќи таа организација, според него, нема никаква поддршка меѓу населението во Косово ниту во Македонија и од тој аспект нивните предупредувања не треба да се земаат со голема доза претпазливост.

– Мислам дека не станува збор за сериозна вооружена групација. Сепак, и покрај сѐ тие можат да предизвикаат тензии и во исто време дури и терористички акции на микролокациско ниво. Основна нивна цел е да се создаде или кризна ситуација или да се вознемири населението. Свесни се дека немаат никаква поддршка и оттука не треба сериозно да се гледа на нивните закани, освен во превентивна смисла. Притоа мислам да не се случи каков било немил настан од кој ќе има последици населението – објаснува Марковски.

Безбедносниот аналитичар потсетува дека државните структури во регионот треба да бидат будни и информирани за секои екстремистички размрдувања на теренот.
– Исто така мислам дека нивните закани сериозно не ги прифаќаат ниту државните структури на Косово, Албанија па ни во Македонија. Ако преговорите за нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград течат според она што го мислат земјите една со друга, а во нив се вклучи и размена на територии, тогаш лично мислам дека би имало безбедносни закани по регионот вклучувајќи ја и Македонија без оглед што таквата размената би се одвивала во договор и во согласност на двете државни раководства – завршува Марковски. Во меѓувреме, холандскиот новинар со албанско потекло Винсент Триест, кој на Твитер го објави видеото на вооружена екстремистичка група што себеси се нарекува Албанска национална армија (АНА) и во кое од албанската и од косовската влада се бара да не „тргуваат“ со територии, вчера како што пренесоа западните медиуми, информира дека станувало збор за стар запис.

– Моите твитови за пораката на АНА беа базирани на една стара снимка, што ми ја испрати некој кому му верував. Жал ми е што на Твитер објавив старо видео, тоа беше грешка – објави Триест на социјалната мрежа.