Нова тура партиски прозивки околу пописот

150
Фото: Маја Јаневска-Илиева

За да се отстранат сите сомнежи и недоумици во јавноста во однос на примената на законот и спроведувањето на постапката за попишување, односно можноста за манипулација со податоците, Герасимовски смета дека Државниот завод за статистика (како спроведувач на пописот) треба да работи појавно и потранспарентно во однос на своите активности

Иако веќе не постои политичко тело за спроведување на попис на населението, домаќинствата и становите како Државната пописна комисија, секое отворање на темата за оваа (во основа) статистичка операција во македонското општество поттикнува политички сензации. Очекувано, тоа се случи и со влегувањето (па одложувањето) во собраниска процедура на предлог-законот за пописот што треба да се спроведе од 1 до 21 април 2020 година. Имено, во петокот попладне (7 јуни), Министерството за правда како предлагач го достави предлог-законот до Собранието за да веднаш биде закажана комисиска расправа за в понеделник, (10 јуни). Предлог-законот за попис беше ставен за расправа со европско знаменце (по скратена постапка), на собраниската комисија за европски прашања. Сепак, пред закажаниот почеток, седницата на комисијата беше одложена бидејќи според Артан Груби, претседателот на комисијата, не бил обезбеден претставник од мисијата на ЕУ за расправа по првата точка, односно разгледувањето на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава.

Во меѓувреме, всушност веднаш по закажувањето на комисиската расправа, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ изразија сомнеж дека власта се обидува „во брза собраниска процедура да протне законски текст за спроведување на попис без претходна консултација и без вистинска јавна дебата на која ќе бидат пренесени и ставовите на опозицијата и на граѓаните“.

– Ваквото брзање во процедурите за носење на ваков текст, без да се остави доволно време за дискусија, остава место за сомнеж за содржината и за вистинските намери на Зоран Заев. Кон сето ова може да се додадат и забуните во јавноста кои беа креирани од власта за тоа дали и на кој начин ќе биде опфатено прашањето за изјаснување за етничката и религиската припадност, како и прашањето кој сѐ ќе биде преброен и дали и на кој начин ќе бидат попишувани оние кои се отсутни од Македонија во определен временски период?

Оттука, брзањето овој закон веднаш и неодложно да биде ставен во процедура остава место за сомнеж дека постои обид за донесување закон за спроведување на попис без вистинска консултација со ВМРО-ДПМНЕ, со опозицијата и со јавноста, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, според која се остава и можност опозициската партија и голем дел од граѓаните да не учествуваат во таквиот вид попишување.

На ваквата реакција на опозицијата веднаш возвратија од владејачката СДСМ, порачувајќи дека „ВМРО-ДПМНЕ нема капацитет да разбере дека пописот не е тема за политизација и дека ќе биде реализиран како што доликува на една слободна, демократска и развиена земја“. Потсетувајќи ја опозицијата дека за цели 11 години на власт не успеале да спроведат попис, а за прекинатиот попис поради политички причини потрошиле 3 милиони евра, од СДСМ истакнуваат дека „сега целокупната подготовка за организирање на пописот е професионална и транспарента, по сите меѓународни стандарди и во неа цело време е вклучен Евростат“. Исто така, од СДСМ велат дека не е точно дека на ВМРО-ДПМНЕ не ѝ бил оставен простор за забелешки во однос на законите.

Фото: Дарко Андоновски

И покрај меѓусебните партиски прозивки, Владата на крајот од минатиот месец соопшти дека пописот е планиран да се реализира од 1 до 21 април 2020 година, а директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, ги презентираше измените на Законот за попис на население. Според Симовски, државата со години има недостиг од квалитетни статистички податоци.

– Ова ќе биде статистичка и строго професионална операција спроведена од Државниот завод за статистика како овластен носител на статистички истражувања. За разлика од претходните, овој попис ќе има неколку новини. Главната новина е што ќе се спроведува со т.н. комбиниран метод, нешто што досега не било практика, а било практика во други земји. Овој метод подразбира истовремено попишување на терен со оној класичен метод, интервју лице в лице, но и со користење податоци од регистри, односно бази на податоци. Овој метод овозможува многу побрзо и поквалитетно прибирање на податоците – вели директорот на ДЗС, Симовски.

Тој најави дека пописот ќе се спроведува со електронски прашалници, со користење на ИТ-технологија и според стандардите на Еуростат. Истовремено, Симовски најави дека можноста за попишување на лица кои живеат надвор од државата ќе биде малку поспецифична, со можност за самопопишување на посебна веб-апликација.
Во однос на начините за спречување на политизацијата на пописот како статистичка операција, демографот и поранешен директор на ДЗС, Дончо Герасимовски, смета дека за почеток е добро што пописот веќе не го организира политичко тело како Државната пописна комисија. Но за да се отстранат сите сомнежи и недоумици во јавноста во однос на примената на законот и спроведувањето на постапката за попишување, односно можноста за манипулација со податоците, Герасимовски смета дека Државниот завод за статистика (како спроведувач на пописот) треба да работи појавно и потранспарентно во однос на своите активности.

– ДЗС треба повеќе да ја користи својата веб-страница за да информира за секоја активност што ја спроведува за пописот, за да ги отстрани сомневањата за политизација на целата операција. Сегашната состојба на веб-страницата на ДЗС информира дека предлог-законот е само испратен во собраниска процедура. На пример, во другите земји од Западен Балкан, каде што пописот ќе се спроведува во 2021 година, на веб-страниците на нивните статистички институции уште од 2018 година информираат за сите преземени активности во врска со подготовката на пописот. Само поставувањето на предлог-текстот на законот не е доволно, бидејќи законот ги одредува основните параметри, додека со методологијата и упатствата се определуваат деталите и начинот на спроведување на пописот. Во ситуација кога во јавноста постојат сомневања за политичка манипулација со пописот, многу е важно граѓаните да бидат прецизно и објективно информирани за начинот на спроведување на пописот – вели Герасимовски.