„Нова Македонија“ – македонски претставник на најголемата економска конференција во Европа

47

Почнувајќи од денеска, па во наредните три дена, малото планинско место Криница-Здруј во Полска ќе биде домаќин на најголемата економска конференција во Централна и Источна Европа, со учество на над 3.000 гости, политичари, шефови на држави, економисти, експерти, научници, бизнисмени, од целиот свет. На економскиот форум, кој годинава ќе се одржи по 28. пат, организаторот го покани и првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“, која на овој еминентен собир практично ќе биде и претставник на Република Македонија.

Поради големиот број истакнати учесници, како и значењето и важноста на темите што секоја година во септември се предмет на стручна дебата и анализа, Криница уште се нарекува и источен Давос, со што на некој начин се израмнува и идентификува по значајност со светскиот економски самит што се одржува во Давос, Швајцарија.
Така, годинава на економскиот форум во Криница, Полска, ќе учествуваат претставници од неколку континенти, од Европа, САД, Русија, Индија, Кина… На заедничка маса ќе дебатираат моќни и силни економии, како Германија, Британија, Франција и многу други европски земји, но и помали и посиромашни земји, како Уганда, Танзанија, Либан итн. Од земјите во регионот, на форумот учествуваат уште и Бугарија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, како и Црна Гора.

Накратко, три дена малото гратче во Полска, познато по зимските спортови скијање и хокеј на мраз, но и по прекрасните планински пејзажи, ќе го претставува светот во мало. Можеби во таа насока една од носечките теми е насловена „Предизвиците во светот што се менува – нови хоризонти, нови технологии“.

На панел-дискусиите, кои ќе се одвиваат во повеќе конференциски сали, ќе се дебатира и за редица други суштински прашања што ја засегаат Европската Унија во целина и, секако, Македонија како земја-кандидат на членство. Во тој контекст, меѓу поинтересните теми, секако, ќе биде дебата насловена „Трговски и инвестициска соработка на земјите од ЕУ и нејзините источни партнери – дали се заемни придобивките“. Сепак, самитот во Криница нема да се фокусира само на економски прашања туку ќе допре и други суштествени теми, како на пример како да се спротивставите на преиначувањето на историската вистина, нешто што е особено значајно и за Република Македонија, од аспект на континуираните обиди за различно читање на историските факти од страна на нашите соседи.

Инаку, Полска како земја домаќин на форумот годинава одбележува 100 години од независноста. Земјата-домаќин, патем, долги години е членка и на НАТО и на ЕУ, и во таа насока по малку изненадувачки ни изгледаше кога во богатата програма на настани ја видовме и точката насловена „Одбрана на угледот на Полска и Полјаците“. Во дообјаснување на темата и веројатно за привлекување поголем интерес меѓу учесниците, уште се вели и дека на трибината ќе стане збор за тоа какви активности треба да се преземат за ефикасно да се брани репутацијата на Полска на меѓународната сцена. Интересно, зарем не. Не само за полскиот народ и држава туку темата е со универзално значење за која било земја.
За Македонија дотолку повеќе.

Зошто кога една земја-членка на НАТО и на ЕУ, како Полска, смета дека треба поенергично да го брани националниот углед на меѓународната сцена и со каков наратив треба да се прави тоа, веројатно и Македонија како потенцијална идна членка во двата сојузи може да извлече некакви поуки од тоа. За најинтересните моменти, предлози, полемики и заклучоци од форумот во Криница, но и многу повеќе од тоа во следните изданија на весникот.