Нова аптека и крводарителска акција за 13-от роденден на „Ре-медика“

354
Фото: Горан Анастасовски

Со традиционална крводарителска акција, како и со отворање на новата аптека „Данеа фарм“, првата приватна општа болница „Ре-медика“ вчера го прослави 13-от роденден. Директорката Елица Јорданова пред присутните гости и вработени изјави дека изминатава година е успешно заокружена со проширување на услугите во болницата.

– Имаме комплетно опремен кабинет по офталмологија, зајакната е детската хирургија, подружницата во Струмица е проширена со МР-апарат, а имаме и амбуланта по трансфузиска медицина, како и амбуланта за ендокринологија. Како општествено активна компанија се вклучуваме и во други активности што не се поврзани со нашата дејност. Деновиве добивме и информација дека двајца вработени во одделението за интензивна нега и реанимација учествуваа на маратонот „Ран фор фан“ под боите на „Ре-медика“, како поддржувачи на здравото живеење – рече директорката Јорданова во своето обраќање.

Медицинскиот директор, проф. д-р Андреа Арсовски, е горд на тоа што „Ре-медика“ е препознатлива и почитувана преку секојдневната борба за здравјето на илјадници пациенти.

– Целиот досегашен успех го направивме заедно, тимски, и за тоа им се заблагодарувам на сите вработени и им честитам за досегашниот успех – рече проф. д-р Арсовски.

Во акцијата за дарување крв, која се случи вчера во просториите на болницата, учествуваа вработени во болницата. Крв дари и шефот на одделот за анестезија на интензивна нега, д-р Ѕвонко Крстевски.

– Крвта е најголемо богатство, кое не може да биде заменето со какви било пари. Јас веќе 11-ти пат по ред дарувам крв – рече д-р Крстевски.
Осма година по ред дел од крводарителската акција на „Ре-медика“ е и Билјана Стоилковска, вработена во администрацијата во болницата.

– Чувството да се дарува крв е непроценливо. Се чувствувам благородно, срцето ми е исполнето. Знам дека некому ќе му го спасам животот, дека сум направила многу добро дело. Редовно дарувам крв и ќе продолжам да го правам тоа и во иднина – вели Стоилковска.


Со „Данеа фарм“ се комплетира медицинската грижа за пациентите

Фото: Горан Анастасовски

Во склопот на „Ре-медика“ од вчера започна да работи новата аптека „Данеа фарм“.
– Со новата аптека ја заокружуваме комплетната медицинска грижа кон нашите пациенти. Лоцирана е во холот на болницата. Ќе работи не само за пациентите на „Ре-медика“ туку и за надворешни пациенти. Стручниот тим е составен од клинички фармацевт и фармацевтски техничари и е подготвен да одговори на советите за фармакотерапијата што ќе ја издава. Понудата на лековите, медицинските помагала и козметиката во „Данеа фарм“ е слична со онаа во другите аптеки. Има можност и за набавка на дефицитарни лекови за нашите пациенти. Ексклузивно нудиме и органска козметика од европско потекло – вели Александра Димитровска, спец. по клиничка фармација.

Директорката Јорданова истакна дека идејата за аптека во склопот на болницата постои од поодамна.

– Сакам да му се заблагодарам на целиот тим што учествуваше во реализацијата на проектот, особено на фармацевтското одделение и на г. Тодор Божиновски, кој нѐ поддржа и охрабри како основач на аптеката – рече директорката Јорданова.