Ниту професорот ниту ученикот не треба да користат телефон на настава

1129
Без телефони наставата би била поефективна, а и учениците би имале поголема концентрација на часовите, велат наставниците

ПРОФЕСОРИТЕ БИ ПОДДРЖАЛЕ ЗАБРАНА ЗА КОРИСТЕЊЕ ПАМЕТЕН ТЕЛЕФОН НА ЧАС

Паметните телефони не само што го одвлекуваат вниманието на часовите туку имаат и низа други негативни ефекти. Веќе е познато дека масовната и прекумерна употреба на напредните технологии многу влијае и го менува начинот на социјализација на децата и на младите, сметаат познавачите

По примерот на Франција, треба и кај нас да се забрани употребата на телефоните додека трае наставата и таа забрана треба да се однесува и на учениците, но и на професорите. Ова е ставот на наставници и на професори што се членови на групата Здружение на просветни работници. Тие сметаат дека тоа би било добро да се спроведе и во Македонија, за да биде наставата поефективна, како и учениците да имаат поголема концентрација на часовите.

– Пет-шест часа во денот сите можеме да издржиме без телефон, нема да пропадне светот. Би било добро да се забрани употребата и за професорите и за учениците – вели една наставничка.
Сличен став имаат и родителите.

– Денешните генерации се родени со мобилен телефон и речиси секое дете го има од најразлични причини. Би требало да се приспособиме на она што го носи денешницата, но да се развијат правила и култура на однесување и да се научат децата како и на кој начин да го користат телефонот во училиште – вели една родителка.
Проф. д-р Ана Фрицханд од Институтот за психологија на Филозофскиот факултет вели дека француската мерка треба без размислување да се воведе и кај нас.

– Мерката за забрана на паметни телефони на училиште ја поддржувам како професор и како родител. Сметам дека тоа е добар модел, кој треба да се примени и во нашиот образовен систем. Паметните телефони не само што го одвлекуваат вниманието на часовите туку имаат и низа други негативни ефекти. Веќе е познато дека масовната и прекумерна употреба на напредните технологии (кои имаат предности ако се користат умерено) влијае и го менува начинот на социјализација на децата и младите, односно се изгубија некогашните друштвени игри, начини на дружења, интеракција лице во лице, одредени значајни морални вредности се поместија на пониските степени во вредносната хиерархија на младите. Штетно влијае врз развојот на мозокот, има негативни ефекти врз развојот на личноста – вели Фрицханд.

Таа нагласува дека воведувањето таква забрана во основните и во средните училишта, секако, ќе помогне да се вратат вниманието и концентрацијата на часовите, а ќе влијае и врз правилното однесување на учениците – меѓусебна почит, почит кон авторитетот на наставникот, почит кон наставниот процес и процесот на учење, меѓусебно активно слушање, насоченост кон оној што зборува.

– Не може да се очекува дека децата веднаш ќе ги фрлат телефоните и нема да ги користат, нешто што никој не го бара од нив, но секако дека ќе придонесе кон враќање одредени вредности што треба да се почитуваат за децата и младите да се развијат во одговорни и совесни поединци – истакна професорката.

Француските власти ја воведоа забраната за користење паметен телефон на час откако неколку истражувања покажале дека постојат низа негативни ефекти врз развојот на целокупната личност. Повеќе од 90 отсто од француските деца на возраст меѓу 12 и 17 години имале мобилни телефони во 2016 година, што е зголемување за цели 72 отсто споредено со 2005 година.