Нина Ангеловска ќе биде прва чуварка на државната каса

922

Кандидатка за нова министерка за финансии ќе биде Нина Ангеловска, додека за функцијата нови замени-министри за економија, за образование и за политички систем и односи меѓу заедниците се именувани Кирил Колемишевски, Елизабета Наумовска и Неџат Мехмедовиќ.

Одлуката за новата министерка и новите заменик-министри беше донесена на последниот централен одбор на владејачкото СДСМ, а по предлозите на премиерот Зоран Заев за испразнетите министерски места во Владата, за кои уште треба да расправаат пратениците во Собранието.
На состанокот на ЦО, Кире Наумов беше назначен за нов директор на Развојната банка на Македонија.

Нина Ангеловска ќе биде прва жена што досега го водела Министерството за финансии. Таа има осумгодишно работно искуство како коосновачка на интернет-страницата „Групер“, од 2016 година е доктор на науки по менаџмент, а во 2010 година дипломирала на Економскиот факултет при УКИМ во Скопје како студент на генерација.
– Со прифаќање на овој голем предизвик, подготвена сум целото мое стекнато знаење, менаџерски способности и бизнис-искуство да ги вложам за најдобро вршење на оваа исклучително одговорна функција, носење на најдобрите одлуки за нашата земја и граѓаните, брзо апсолвирање и одговорно дејствување – напиша Ангеловска на Фејсбук, по објавата на премиерот дека ја предлага за министерска функција.
Заев, по обелоденувањето на новиот министер и заменик-министри, порача дека им дава шанса на младите да покажат што умеат.

– Пораката е, млади, работете, ангажирајте се, бидете видливи, борете се во оваа наша земја, еве и високите позиции се достапни за сите граѓани. Јас верувам во нејзиното осумгодишно искуство да биде основач, да направи една ваква перспективна компанија во модерните технологии, која дефинитивно е препознаена не само дома туку во целиот регион и пошироко, тоа ја испраќа пораката дека навистина вреди да се заземете дома, токму дома, а не надвор од Македонија, а секако општеството знае да препознае и да даде шанса секој да се вгради низ институциите на системот и да придонесе во севкупниот раст, развој, осовремување и модернизирање на целокупното наше општество и нашата земја – рече Заев по завршувањето на седницата на ЦО.

Партијата избра и пет нови потпретседатели, меѓу кои Мила Царовска, актуелна министерка за труд и социјална политика, Коста Петров, Оливер Спасовски, актуелен министер за внатрешни работи, Мухамед Зеќири, актуелен пратеник во Собранието, како и Дамјан Манчевски, актуелен министер за информатичко општество и администрација.