Низ Кичевско сѐ помалку печалбарски свадби

370
Една од многубројните печалбарски свадби од изминатите години

Годинава, на општо изненадување, присуството на печалбарите е намалено, а тоа е забележливо според бројноста во локалите, пазарењето во маркетите и, секако, по бројот на свадбите што се направат ова лето

За разлика од претходните 10-15 години, кога во јули и август Кичево и селата во оваа општина беа преполни со гастарбајтери што работат во западноевропските земји и кои во текот на летото годишниот одмор го користат да го посетат родниот крај и да се видат со своите блиски и пријатели, но и да направат свадбени веселби, летово состојбата е поинаква.

Годинава, на општо изненадување, присуството на печалбарите е намалено, а тоа е забележливо според бројноста во локалите, пазарењето во маркетите и, секако, по бројот на свадбите што се направат ова лето.
– Важен показател за намалениот број гастарбајтери присутни во земјава е и бројот на свадби, кои традиционално во овој период се прават во нашиот крај. Така, годинава интензитетот на свадби и зафатеноста на локалите не е како во претходните години и, според наши согледувања, бројот на свадбите споредено со претходните години е помал за најмалку 20 проценти. Се прашуваме дали тоа ќе биде исклучок ова лето или овој тренд ќе продолжи и наредните години. Факт е и тоа што поголемиот број млади сѐ поретко годишниот одмор го користат во земјава, тие летниот период практикуваат да одат на летување во некое познато летувалиште. Но и ова присуство и број на свадби за нас се многу важни, бидејќи со нивната бројност ги покриваме празните одови од преостанатиот дел од годината, особено од пролетта и есента – вели Рефик Зенку, менаџер во комплекс рестoрани во близината на градот.

Слично согледување слушнавме и од другите соговорници.
– Очигледно е дека бројот на гастарбајтери присутни во земјава е помал за разлика од претходните десетина години, а тоа може и визуелно да се потврди со нивната бројност во градот. Но, за разлика од порано, летово печалбарите не го користат одморот во еден период, туку тоа го прават во различни периоди, некои порано, некои подоцна. Затоа печалбарите летово ќе бидат присутни во подолг период, а нивната бројност во еден ист момент е помала за разлика од порано. Бројот на свадби ова лето е помал, што е само поткрепа на претходно искажаното – објасни Џевдет Далипи, менаџер во комплекс ресторани за свадби во градот.
Некои од жителите од овој регион на своите пријатели печалбари им го поставуваат истото прашање, зошто е намален бројот на свадби и бројот на гастарбајтери од странство ова лето.

– Времињата полека но сигурно се менуваат. Младите сѐ почесто, наместо во земјава, годишниот одмор го користат во познати летувалишта на Медитеранот. На наше прашање зошто и бројот на свадби годинава е намален, тие немаат соодветен одговор иако и самите ги согледуваат овие разлики споредено со претходните години – констатираат жителите на Кичево.
Но ако бројноста на печалбарите е намалена, бројот на луксузни и скапи автомобили е во пораст, па на градските улици можат да се видат автомобили и џипови што чинат и над 200.000 евра, што порано не беше случај. И во тој поглед барем накратко Кичево ова лето личи на Монте Карло.