Нерешените имотноправни односи ги оставаат луѓето без адреси

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Многу работи зависат од адресата на живеење, како што се запишување на децата во училиште или градинка, добивање паркинг-место, па дури и разни субвенции што ги даваат државата и општините

Нерегуларните имотноправни односи во семејствата претставуваат голем проблем кога новодојдените членови треба да ги ажурираат податоците во своите лични документи. Најчест проблем што го посочуваат граѓаните е кога имотот сѐ уште се води на почината личност, поради што директно засегнатиот, а често и целото семејство треба да помине вистинска голгота за да обнови документи.

– Куќата каде што живееме се води на името на дедото на сопругот. Свекор ми сѐ уште ја нема пренесено на свое име, најверојатно затоа што не му се трча по административни работи. Сега, кога сакав да ја ставам оваа адреса на живеење, не можев, затоа што кога закажував ми кажаа дека мора да однесам имотен лист и носителот на имотниот лист да дојде со мене. Во мојот случај тоа не е можно, бидејќи дедото на сопругот е починат, така што си останав со старата адреса на живеење, каде што сега живее некој што воопшто и не го познавам – вели Данче Трајановска, која се обидела да ја смени адресата по преселувањето и стапувањето во брак.

Ова не е единствен случај. Некои од граѓаните се во лоши семејни односи, па се случува дури и поради инает да не можат да ја впишат адресата на живеење.

– Во брак сум три години, но никако не можам да ја запишам адресата на живеење на сопругот, затоа што куќата е на името на дедото, со кого пак, не разговараат. Во тој случај ниту човекот ќе дојде со мене, ниту пак ќе ми помогне да ја сменам адресата – вели Елена Стојановска.

Поради неажурност во смената на документи, граѓаните се чини дека најголемите проблеми сами си ги прават. Многу работи зависат од адресата на живеење, како што се запишување на децата во училиште или градинка, добивање паркинг-место, па дури и разни субвенции што ги даваат државата и општините.

Според сите правилници, при упис на дете во градинка или во училиште, предност имаат децата од конкретната општина, а доколку остане место, може да се запишат и деца од други општини, но само доколку во нивната општина веќе нема потреба за уписи.

Слично е и со добивањето паркинг-места во општините. Како жител на одредена општина, клучно е да се има адреса на живеење во таа општина, што се докажува со приложување лична карта.

Проблеми настануваат и при продажба на имотите чии сопственици не ги ажурирале податоците. Некои од граѓаните велат дека и покрај тоа што извршиле продажба на имот, решение за наплата на данок на имот им пристигнало, а некои од нив дури се соочиле и со блокирани сметки, поради неажурноста на новите сопственици.

– Станот во кој живеев го продадов пред две години, но кога градот спроведуваше присилна наплата на заостанати долгови за данок на имот, блокирана беше мојата сметка. Веднаш заминав во бараките, каде што приложив имотен лист, блокадата веднаш беше тргната и беше внесен новиот сопственик – вели Лилјана Здравковска.
Градските власти велат дека честопати се соочуваат со проблеми при изработката и доставата на решенијата за данок на имот.

– Градот честопати се соочува со проблеми при изработката и доставата на решенијата за данокот на имот, пред сѐ поради тоа што граѓаните не ги пријавуваат промените во статусот на сопственост на имотите. Така, честопати се случува тие да не го пријават поседувањето на нов имот, како и промената и продажбата на постоен имот – информираат градските власти.

Проблем не е само данокот на имот. Новите сопственици не го менуваат името на сметките за струја и вода, па доколку прават долгови, тие се впишуваат на име на стариот сопственик.

– Плаќајќи сметки за струја, приложив сметка од станот што веќе неколку месеци го имав продадено, чисто за да проверам дали е тргнато моето име од сметките, што не беше направено од купувачот. Однесов купопродажен договор и сметките беа сменети на новиот сопственик. Замислете да не прашав, луѓето ќе си правеа долгови на мое име, а јас немаше ниту да знам за тоа – вели Ана Димовска.

Решение има и постои дури и за оние граѓани што сѐ уште имаат нелегализирани имоти. Тие со соодветен документ можат да извршат впишување на адресата.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека, во согласност со членот два од Законот за пријавување живеалиште и престојувалиште на граѓаните, живеалиште е местото во кое граѓанинот се населил со намера во него постојано да живее и во кое има обезбедено стан за живеење. Се смета дека граѓанинот има обезбедено стан за живеење, во смисла на овој закон, ако тој или член на неговото семејство има вселив стан по основа на сопственост или договор за закуп во согласност со законот.

– Доколку имотниот лист се води на починато лице, потребно е да се поведе оставинска постапка за утврдување на сопственоста на наследниците. Исто така, кога се пријавува живеалиште по основа на брак, потребно е да се достави извод од матична книга на венчани и лична карта на сопруг/а – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека, ако објектот сѐ уште не е легализиран, а е во фаза на легализација, како доказ во постапката во живеалиште и вадење лична карта се приложуваат поседовен лист за земјиштето и уверение од градски комитет за урбанизам.

– Министерството за внатрешни работи презема мерки за да им излезе во пресрет на граѓаните и да се олесни постапката за пријавување на живеалиштето со нов предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за пријавување живеалиште и престојувалиште на граѓаните, каде што се предвидени повеќе олеснителни околности за промена на живеалиштето по различни основи – велат од Министерството.