Непартиско здружување на младите Роми

Граѓанската иницијатива „Аваја“ има цел да ги артикулира и презентира интересите на ромската заедница пред сите засегнати страни. Станува збор за иницијатива што претставува непартиско здружување на младите Роми од различни градови од државата, со исклучива цел – презентирање на клучните барања на ромската заедница. Првата кампања во рамките на оваа иницијатива беше насловена „Ние гласаме, ние одлучуваме“, која официјално беше промовирана на 10 април 2019 година, со дејствување до крајот на претседателските избори. Самата кампања беше насочена кон презентирање на клучните барања и потребите на ромската заедница, како и мобилизирање и охрабрување на ромската заедница да го искористи своето гласачко право на претседателските избори. Барањата на ромската заедница беа презентирани во форма на манифест: зголемување на застапеноста на Ромите во државната и јавната администрација до минимум 2 отсто, двојна буџетска алокација за решавање на проблемите на Ромите и двојно поголема реализација на капитални инвестиции во ромските населби до 2020 година. За овие барања поддршка дадоа 11.500 граѓани од 14 града од државата, со што кон крајот на кампањата самоиницијативно се вклучија уште два града. Во рамките на кампањата се пратија покани за средби до сите засегнати страни и се остварија средби со претставници на дипломатските претставништва и лидери на политички партии што се дел од опозицијата и владеjачката структура. Наедно, беа организирани и вкупно 10 локални настани во различни градови.

Како завршен настан беше организирано јавно обраќање пред ромската заедница на претседателските кандидати од претседателските избори 2019. Кандидатите на 3 мај, пред изборниот молк, имаа можност да ги претстават својот став, размислување и визија за развој и подобрување на положбата на ромската заедница во согласност со ингеренциите на функцијата претседател на државата. Кандидатите остварија 30-минутно обраќање до повеќе од илјада Роми од различни градови од државата. Успехот на „Аваја“ е што јавното обраќање беше прв настан каде што и двајцата кандидати имаа можност да се обратат до ромската заедница. Наедно, кампањата „Ние гласаме, ние одлучуваме“ беше успешно реализирана, со одзив од 75 проценти од вкупниот број поддржувачи на „Аваја“ што го дадоа својот потпис за манифестот.

Кампањата „Ние гласаме, ние одлучуваме“ ги исполни сите планирани активности што се однесуваа на презентирање на барањата. Самите барања, поткрепени со голема поддршка од ромската заедница, граѓанската иницијатива „Аваја“ очекува да бидат остварени до крајот на 2020 година. Покрај презентирањето на барањата, „Аваја“ ќе се фокусира и на следење на исполнувањето на барањата од манифестот и ветувањата дадени од сите засегнати страни. Очекуваме дека ќе имаме Роми советници во кабинетот на претседателот, и тоа не само за ромски прашања, затоа што ромската заедница располага со кадар што е соодветен и за други прашања. Очекуваме исто така претседателот да именува Роми како амбасадори и членови на дипломатските мисии.

„Аваја“ продолжува со своето дејствување и во текот на наредниот период, со следење на ветувањата и реализирање активности на локално ниво.

(Авторот е член на граѓанската иницијатива „Аваја“)