Нема план за отстранување на живата од ОХИС

293
Состојбата во некогашната скопска фабрика ОХИС постојано ја држи актуелна темата за правилното складирање и чување на опасниот отпад - Фото: Игор Бансколиев

Отстранувањето на дел од опасниот отпад од кругот на ОХИС нема да ја намали еколошката закана, бидејќи на тој простор и натаму остануваат други опасни хемикалии. Тука е живата, за чие дислоцирање засега нема план, а постапката е исклучително скапа и сложена

Несистематското и несоодветно постапување со отпадот претставува еден од најголемите проблеми од областа на животната средина во Македонија, а токму присуството на опасен хемиски отпад, вклучувајќи и големо количество жива, во кругот на некогашната скопска фабрика ОХИС постојано ја држи актуелна темата за правилното складирање и чување на опасниот отпад.

На оваа тема во неколку наврати пишуваше и „Нова Македонија“, а поради актуелноста на проблемот јавна расправа со сите релевантни фактори најави и општината Кисела Вода, на чија територија се наоѓа ОХИС.

Во време кога загаденоста на воздухот достига рекордни вредности, се наметнува прашањето зошто е дозволено со децении опасниот отпад да се складира во кругот на фабриката и да се покрива со слоеви земја, без да се води сметка дали тој отпад би можел да заврши во почвата и подземните води, но и во воздухот во околината.
Дел од тој отпад бил складиран и надвор од кругот на фабриката, на локации што не се откриваат, а пред две години Министерството за животна средина и просторно планирање ги забрани еднодневните ученички екскурзии на излетничкото место Пеленица кај Драчево поради сомнеж дека и таму е депониран токсичниот линдан од ОХИС.

ОХИС не работи долги години, но загрижува фактот што и во времето кога работел несоодветно се третирале отпадните материи, а постарите скопјани се потсетуваат дека во минатото, обично во вечерните часови, можело да се почувствува непријатна миризба во воздухот.

– Живеам во Лисиче долги години, но особено се сеќавам дека некаде во 1980-тите секоја вечер се чувствуваше непријатна миризба од ОХИС. Тогаш беа некои други времиња, важно беше фабриките да работат, а дали ја загадуваат околината тоа беше најмалку важно – вели Пецо Јаневски од Скопје.
Тој додава дека миризбата се чувствувала и во утринските часови.
– Наутро кога тргав на работа, над цело Лисиче како да имаше некоја магливост. Особено тоа беше изразено зимно време, кога непријатната киселкаста миризба дополнително се мешаше со чадот од оџаците на куќите, но и од палењето на депонијата „Вардариште“. Навистина беше ужасно. Да мерел некој тогаш што сè вдишуваме, цела населба би ја евакуирал. Но откога ОХИС престана со работа, веќе го нема тој непријатен кисел мирис, иако и сега повторно од некаде доаѓа чад и населбата е меѓу најзагадените – нагласува Јаневски.

Поранешен технолог во разговор за „Нова Македонија“ открива дека ОХИС за време на работењето опасниот отпад добиен при производствениот процес го складирал во кругот на фабриката и надвор од неа, без некоја посебна идеја како тој да се дислоцира и да се заштити околината.

– Конкретно линданот се употребуваше во прашкестите и течните детергенти. За да се дојде до линдан се користеше бензол, кој е канцероген. Ако се земе предвид дека единствената пиролиза на линданот на овие простори се правеше токму во ОХИС, може да замислите на што сè биле изложени вработените, но и околината – вели технологот, кој посака да остане анонимен.

Според него, наместо складирање на опасниот материјал во кругот на фабриката, но и во околината, овој вид отпад можел безбедно да се депонира на места каде што најмалку би ја загадувал околината и не би бил ризичен по здравјето на луѓето.
– Во Германија ваквите опасни материјали се носеле во рудници што повеќе не работат. Таму најпрво се правела анализа на земјиштето, односно дали тоа е непропусно и потоа опасниот отпад соодветно спакуван се транспортирал до тие подземни депоа – додава технологот.

Инаку, во моментот во ОХИС на отстранување на дел од хемискиот отпад работи фирмата „Екоцентар 97“, чија задача е да отстрани 11 заостанати хемикалии од фабричкиот круг, без живата, која исто така ги загадува почвата, водата и воздухот.
– Ние имаме договор со бугарска компанија што има дозвола за транспорт на опасен отпад и ја чекаме дозволата за извоз на овој отпад, кој ќе заврши во Швајцарија за натамошна постапка. Според Базелската конвенција за превоз на опасни материи, сите земји каде што минува опасниот отпад мора да дадат согласност. Имаме согласност од шест земји, чекаме уште од Словенија и во секој момент заостанатите хемикалии ќе бидат изнесени од ОХИС и од Македонија – изјави пред извесно време Владо Момироски од „Екоцентар 97“.

Отстранувањето на дел од отпадот од кругот на ОХИС нема да ја намали еколошката закана, бидејќи на тој простор и натаму остануваат други опасни хемикалии. Тука е живата, за чие дислоцирање засега нема план, а постапката е исклучително скапа и сложена. Во меѓувреме, таа и натаму испарува во воздухот, а истражувањата покажале дека е присутна во почвата и надвор од кругот на ОХИС и на поголема длабочина, што, од друга страна, е директна закана за подземните води.
Уште повеќе загрижува фактот што има и непознати депонии на кои е складиран опасен отпад, како што беше случајот со Пеленица, а цената за тоа ја платија илјадници деца што секоја година одеа на еднодневни екскурзии токму на ова место, без да знаат дека во нивна близина постои нешто што им штети на нивното здравје.
Цената што треба да се плати за дислокација на овие отрови е висока, но не толку висока колку што е цената на здравјето на луѓето, особено на децата.