Нема нова амнестија и измени на член 353 од Кривичниот законик

318

Владата не планира нова амнестија и нема договор со опозицијата за проширување на опсегот на амнестирање на лицата кои сториле кривични дела преку измени во Кривичниот законик.

Во однос на гласините што се појавија во јавноста дека покрај Законот за амнестија што беше изгласан минатата недела, Владата во договор со опозицијата подготвува нова амнестија, од Владата стигна став не се предлага никакви измени на член 353 од Кривичниот законик и не се очекува било каква промена на тој член во рамки на процесот што се одвива во Собранието.

Согласно Законот за амнестија што Собранието го донесе на 18-ти овој месец, во скопскиот Кривичен суд има пристигнато 64 барања, додека вкупниот број на лица опфатени со сите случаи поврзани со „27 април“ се движи околу 70.

Барањата за амнестија Судот треба да ги испрати на мислење до Обвинителството, кое не е врзано со рок за произнесување по истите.

На брифинг во Кривичниот суд беше кажано дека Кривичниот совет е надлежен за предметите за кои веќе има пресуда, а за предметите кои се во тек, како „27 април“, надлежноста да ја има судечкиот совет, односно судијката Добрила Кацарска.

На вчерашното судско рочиште заврши доказната постапка за предметот „27 април“, а за 15 јануари се закажани завршните зборови.

Сè уште не се знае кој ќе одлучува за барањата за амнестија, односно дали тоа ќе го прави судечкиот совет за предметот „27 април“, на чие чело е судијката Добрила Кацарска или кривичен совет.

По одлуката на Кривичниот суд, обвинетите и осомничените ќе имаат право на жалба пред Апелацискиот суд во рок од три дена.

Петмина од вкупно 33 обвинети за „27 април“ не поднесоа барање за амнестија. Станува збор за оперскиот пејач Игор Дурловски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков, неговиот советник Душко Лазаров и обвинетите Игор Југ и Јане Ченто.

Барања за амнестија до Судот поднеле и триесеттина лица од Одделот за кривично полнолетни.

Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекориле службените овластувања.