Нема кантар за македонското ѓубре

213
Фото: Маја Јаневска-Илиева

ИСТРАЖУВАЊЕ: КОЈА ЗЕМЈА КОЛКУ ОТПАД ГЕНЕРИРА

Во истражувањето не е опфатена нашата држава, која, според екологистите, создава големи количества отпад по жител. Дополнителен проблем е што голем дел од комуналниот отпад низ земјава се фрла на диви депонии, така што огромни количества отпад завршуваат на несоодветни места, претставувајќи директна закана по животната средина

Развиените земји како САД, Данска и Нов Зеланд произведуваат двојно повеќе отпад по лице за разлика од земјите во развој, покажува истражувањето спроведено од група економисти, кое неодамна беше објавено на блогот на Меѓународниот монетарен фонд.
Според истражувањето, поголемиот дел од отпадот во земјите со средни или високи приходи се состои од неоргански материјали, особено хартија и пластика.

Понатаму истражувањето покажало дека побогатите земји создаваат повеќе отпад по жител, но земјите во развој се виновни за над половина од целокупното ѓубре.
Македонија не беше опфатена со истражувањето, така што нема релевантни податоци од кои може да се направи пресек за тоа колку комунален отпад произведуваат македонските граѓани по жител.

Еколозите сметаат дека за намалување на продукцијата на комунален смет по жител е потребно да се воведе систем на рециклирање на отпадот.

– Во повеќето развиени земји постои систем на рециклирање. Од сметот се издвојуваат храната, пластиката, стаклото, хартијата, така што сите тие суровини наместо да завршуваат на депониите, се враќаат одново во производствениот процес и повторно се употребуваат како суровини. Токму тоа придонесува да се намали количеството комунален отпад – вели Васко Јанчевски, екоактивист.

Тој додава дека во Македонија, со исклучок на понекој пилот-проект, во индивидуалните домаќинства нема развиено ваков систем и затоа отпадот се трупа, без да се води сметка дали нешто може да се искористи.

– Просечно секој граѓанин во Македонија годишно генерира меѓу 50 и 60 тони амбалажен отпад, што е некаде околу 100 илјади тони вкупно годишно. Потребен е систем, односно да не се оштетуваат контејнерите во кои се складира ваквиот отпад, а згора на тоа, и јавните претпријатија треба да имаат соодветна механизација со која би ги празнеле овие контејнери. Кога би профункционирало тоа, тогаш овој отпад нема да заврши на депониите и ќе може да се рециклира – вели Ико Брдаровски од „Пакомак“.
Според податоците на „Комунална хигиена“, кои се однесуваат само за територијата на Скопје, количеството собран и транспортиран комунален отпад во 2019 година изнесувало 153.763 тони.

– Не можеме да имаме точна пресметка за тоа колку килограми отпад се произведува дневно по жител, бидејќи во Скопје има огромна дневна флуктуација на население и затоа не можат да се направат вакви пресметки – појаснуваат од „Комунална хигиена“.
Дополнителен проблем е што голем дел од комуналниот отпад низ земјава се фрла на диви депонии, така што огромни количества отпад завршуваат на несоодветни места, претставувајќи директна закана по животната средина.

Од друга страна, ако се направи споредба со Словенија, која беше опфатена со истражувањето на ММФ, а која е слична со Македонија според бројот на население и територија, произлегува дека македонскиот граѓанин создава меѓу еден и 1,2 килограм отпад дневно.

Според графиконот, еден жител на земјите-членки на ОЕЦД создавал 1,4 килограм отпад дневно. Данците водат со производство на отпад од речиси два и пол килограма дневно по жител, следуваат Швајцарија и САД со два килограма и Нов Зеланд со нешто под два 2 килограма. Од земјите-членки на ОЕЦД, Полска, Чешка и Словачка се наоѓаат на последните места со помалку од еден килограм отпад по жител дневно.

Повеќето земји што произведуваат значително количество отпад се островски земји, каде што туризмот игра голема улога, а поради недостигот од земја за чување на отпадот се јавува проблем со отстранувањето и складирањето на отпадот.

Властите во повеќето земји планираат преку разни мерки да го намалат количеството отпад, а една од нив е воведување даноци за пластичните ќесиња. Досега 30 земји ја вовеле оваа мерка. Покрај оваа мерка, се планира да се плаќаат даноци според тежината на отпадот што ќе се создава, поточно оние што произведуваат повеќе отпад, да плаќаат повисок данок за отпадот. Истражувањата покажале дека овие мерки може значително да го намалат количеството отпад што го создаваат луѓето.

Македонската влада кон крајот на минатата година донесе одлука за забрана на пакувањата во пластична амбалажа за шеќер, лажички за кафе и други пијалаци, сламки и прибор за еднократна употреба, за да го намали овој вид отпад.
Претпоставките на истражувачите се дека количеството глобален отпад ќе се зголеми двојно до 2025 година и ќе достигне 2,3 милијарди тони.

Еколозите сметаат дека е потребно да се воведе систем на рециклирање на отпадот
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јужна Кореја драстично го намалила отпадот

Создавањето отпад во Јужна Кореја брзо се зголемило поради порастот на приходите и промените во консумирањето на жителите. Во 1995 година, Владата вовела систем со кој луѓето морале да платат за официјални канти за отстранување на отпадот, а сумата варирала во општините за да одговара на локалните трошоци за отпад.
Овој систем предвидувал луѓето да не плаќаат за целата сума што е потребна за државата да го отстрани отпадот, но производството на ѓубре паднало од 1,3 килограм по лице во 1994 година на 0,95 килограми во 2014 година. Рециклирањето пораснало од 15,4 отсто на 59 отсто во истиот период. Во 2013 година била воведена и програма за одвојување на храната од отпадот. Отпадот што вклучувал храна во депониите се намалил од 97 отсто во 1994 година на два отсто во 2014 година.