Нема заразени од коронавирусот во Македонија

61
Фото: Игор Бансколиев

Лицето кое синоќа беше примено на Инфективната клиника во Скопје е тестирано и нема коронавирус, потврдија од Министерството за здравство. Пациентот имал лесна клиничка слика, нема покачена телесна температура и неговата состојба е стабилна.

Тој пристигнал од Милано во Скопје со попладневниот лет на „Визер“. Патникот поминал низ термалната камера, која кај него не дијагностицирала симптоматологија на болест. Првите симптоми ги почувствувал по доаѓањето дома, по што се јавил на Инфективната клиника во Скопје и бил примен во 22 часот. Од неговото пристигнување на клиниката, пациентот е ставен во изолација, по што му се направени тестови согласно со утврдениот протокол.

Од министерството велат дека будно ја следат состојбата и во континуитет се постапува по препораките на Светската здравствена организација, а од вчера се применуваат и нови зајакнати мерки за превенција од коронавирус.

– Го подигнавме степенот на подготвеност на највисоко ниво. Се формира Кризен штаб во рамките на Министерството, а на сила стапија и нови зајакнати мерки за превенција од и справување со евентуални заболени од коронавирус – соопштија надлежните.

Министерот за здравство, Венко Филипче вчера апелираше до граѓаните доколку немаат потреба да ги одложат патувањата во регионот на Северна Италија. На аеродромот во Скопје, мерките се прошируваат, не само за патниците кои доаѓаат од Кина, преку конекциите од Истанбул и Дубаи, туку практично за сите патници, со тоа што сега ќе бидат скринирани на местото каде се влегува во делот за Царина.