Нема веќе ни статисти за во филм

1433
Фото: Менде Младеновски

Голем број филмски работници и продуценти многупати рекле дека во Битола постојат речиси идеални услови за снимање филмови, поради што едно време Битола имаше претензии да стане и филмски град. И додека порано за снимање на некој филм или серија се јавуваа дури и по 10.000 битолчани, кои буквално молеа да бидат ангажирани, сега ние ги молиме да бидат статисти. Едноставно не сакаат да слушнат за дневница да статираат, велат филмските работници

Иако по доаѓањето на новата локална самоуправа, на чело со градоначалничката Наташа Петровска, Битола практично се откажа од идејата градот под Пелистер да стане филмски град, а од пред две-три години во касарната беше срушено филмското студио, филмаџиите деновиве повторно се вратија во Битола. Имено, деновиве во Битола се одвива снимањето на првиот македонски филм снимен на турски јазик „Најтешкото нешто“, во режија на познатиот турски режисер Сердар Акар, а во продукција на „Сектор филм“ од Скопје, во кој играат турски актерски ѕвезди. Иако снимањето на филмот „Најтешкото нешто“ сѐ уште не е завршено, веќе е најавено снимањето на новиот игран филм на продукциската куќа „Сестри и брат Митевски“, „Сирена во Париз“. Денеска во Битола треба да се одржат кастинг и аудиција за сите оние од 7 до 77 години, кои сакаат да учествуваат во снимањето на филмот. Станува збор за филм на белгиски копродуцент, кој минатата година снимаше филм во Македонија. Снимањето на филмот ќе почне на 30 август годинава, а според сестрите Митевски потребен е голем број статисти, кои ќе треба да статираат во овој нивни најнов филмски проект. Иако повторното враќање на филмаџиите во Битола да снимаат филмови ги израдува вистинските љубители на филмот и филмските работници од градот под Пелистер, сепак битолчани се скептични дека Битола ќе стане филмски град. Ваквиот песимизам кај битолчaни не е затоа што Битола нема услови за снимање филмови или филмски серии, туку затоа што Битола ја пропушти идеалната можност да стане филмски град и од снимањето филмови да заработува пари. Голем број филмски работници и продуценти многупати рекле дека во Битола постојат речиси идеални услови за снимање филмови. Покрај традицијата што ја има со браќата Милтон и Јанаки Манаки, кои ја донесоа првата филмска камера 300 во Битола, во градот под Пелистер живеат и работат голем број познати актерски имиња од Народниот театар, кои играле во голем број филмови или серии. Градот располага со извонредни културно-историски места и природни убавини, кои се интересни за продуцентите и режисерите за снимање филмови. Но во моментот за филмаџиите најголем проблем претставува тоа што нема статисти и тоа што е зачудувачко од сите возрасти. За разлика од порано, кога при секое снимање филмови или серии, особено за периодот од османлиското ропство, кога на аудициите се пријавуваа илјадници битолчани, кои за дневници и малку слава сакаа да бидат статисти, во мoментот во Битола нема статисти.

– Порано кога ќе кажевме дека бараме статисти за снимање на некој филм или серија, се јавуваа дури и по 10.000 битолчани, кои буквално молеа да бидат ангажирани. Сега наместо тие, ние ги молиме да бидат статисти. Едноставно не сакаат да слушнат за дневница да статираат – ни велат луѓе што се вклучени во филмскиот бизнис во Битола.

Токму поради овој проблем тие, иако деновиве на сите ѕвона го најавија денешниот кастинг за снимање на филмот „Сирена во Париз“, се плашат колку статисти ќе се пријават и дали продуцентите и режисерите ќе имаат избор кого да ангажираат во најновиот филм на сестрите Митевски, чие снимање треба да почне на 30 август.
– Како и во сите области, така и ние се соочуваме со проблемот од недостиг од кадар. За разлика од младите, кои масовно ја напуштија Битола, сега одбиваат да бидат статисти дури и возрасните, кои немаат никаков ангажман и попусто го тепаат времето – ни велат филмските работници од Битола. Како и за статисти, исто така во Битола мошне слаб е интересот на битолчани и за издавање на дуќаните или на занаетчиските дуќани за снимање филмови. Имено, откако пред неколку години голем број битолски занаетчии и сопственици на трговски дуќани во Старата битолска чаршија беа измамени и не добија ни денар за отстапувањето на објектите, тие повеќе како да не се заинтересирани да ги отстапат своите деловни или трговски дуќани за снимање филмови. Тоа што загрижува е што и градот Битола како да крена раце од создавањето услови за снимање филмови. За тоа најдобра потврда е што, иако продукциската куќа што го снима филмот „Најтешкото нешто“ уште пред извесно време поднела барање за отстапување на некои локации за снимање филмот, нивното барање, како што ни велат, сѐ уште не било одобрено, а тие веќе го привршиле филмот. Во Битола во претходниот период се снимаа голем број филмови и филмски серии, од кои најголема реклама на Битола како филмски град му направи турската серија „Збогум Румелија“, која со години се снимаше во Битола и беше една од најпопуларните во Турција, и по чие прикажување илајдници турски туристи ја посетуваа Битола. Во Битола требаше да снима и светски познатата филмска ѕвезда Мерил Стрип, а изградба на филмско студио во градот под Пелистер понуди Перси фон Лепински, претставник на американската компанија за производство и дистрибуција на филм „Инфинити пикчрс – Холивуд медиа бриџис“, кој специјално за тоа допатува во Битола и кој изразни подготвеност својата компанија од Романија да ја пресели во Битола. Општината Битола, во согласност со урбанистичкиот план во поранешната касарна, на површина од четири хектари оддели парцела и подготви маркичка за изградба на филмско студио, а на располагање беа оставени дури и други 50 хектари слободни површини за снимање филмови и изградба на филмски студија. Но, за жал, од тоа не се случи ништо. Како и од многу други проекти така и од проектот „Битола филмски град“ Битолчани го видоа само „журналот“.