Нелегалната сеча ги опустоши шумите

204

Во пресрет на грејната сезона дрвокрадците масовно ги пустошат македонските шуми, а на социјалните мрежи постојано се појавуваат фотографии на кои се гледаат исечени дрвја низ повеќе делови од земјата.

Дрвјата обично се сечат во текот на ноќта, а потоа со товарни возила, но и со автомобили, се транспортираат до заинтересираните граѓани, кои ваквите нелегално исечени дрва ги купуваат по поевтина цена од оние во стовариштата.
Од добро разработениот „бизнис“ профитираат и дрвокрадците, но и граѓаните што купуваат од нив.

– Телефонски нарачувам дрва секоја сезона преку човек што го познавам и ги добивам во рок од седум дена од јавувањето. Единствено што ме интересира е цената, а за тоа од кај ги носат воопшто и не ги прашувам – вели скопјанец, кој посака да остане анонимен.

Тој додава дека плаќа на рака по приемот на дрвата и дека ниту бара, ниту, пак, добива некаков документ за нивното потекло.

– Само мериме колку кубици ми се донесени и толку плаќам – појаснува скопјанецот.
За проблемот со дрвокрадците неодамна информира и премиерот Зоран Заев, кој кажа дека речиси 40 отсто од огревното дрво што се користи во земјава е украдено.

– Правиме секаков вид процедури, постапки, за фаќање дрвокрадци. Еден дел од постапките во судовите се токму за крадење дрва. Се одземаат самари, коњи, запрежни коли, трактори и слично… Правиме напори на сите страни. Сите стратегии и аспекти на државата како влада, парламент и институции се во насока на искоренување на ова криминално дејствување на поединци во државата – рече премиерот Заев.

Тој додаде дека се прават напори во никој случај државните институции да не им даваат мотивација на дивите сечачи.
– Колку и да е поевтино греењето со инвертер, не е поевтино од греењето со крадено дрво – истакна Заев и упати апел до граѓаните да пријавуваат дива сеча, а најави дека ќе се зголеми и бројот на возила наменети за шумската полиција, како и поголема контрола и на легалната сеча.

Од ЈП „Национални шуми“ велат дека дивата сеча на шуми е присутна појава и дека се прават напори таа да се спречи.
– Целата состојба со дивата сеча е резултат на 12-годишната апатија на надлежните служби – велат од ова јавно претпријатие, притоа додавајќи дека одвреме-навреме се појавуваат и тенденциозни информации за дива сеча, иако станува збор за легална сеча.

Како и да е, пустошењето на шумите е видлив процес, а непланската сеча придонесува за менување на микроклимата во одделни подрачја, поради што се зголемува опасноста од појава на поплави и свлечишта. Покрај тоа, сечењето на шумите влијае и врз зголемувањето на загадувањето на воздухот, а со оглед на фактот дека на една исечена шума ѝ се потребни неколку децении да се обнови, тогаш стануваат оправдани стравувањата дека загадувањето ќе расте.

Единствена надеж се брза гасификација и постепено повлекување на дрвото како огрев во градовите, со што и шансите да се зачуваат шумите стануваат поголеми. На тој начин можеби и дрвокрадците повеќе нема да имаат интерес од овој црн бизнис.