Независност со 27-годишна неизвесност

180
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Секоја од 27-те години независност на Република Македонија се чини дека во себе ја содржеше неизвесноста дека таквата состојба на државност и сувереност е со определен рок на траење. Скептицизмот, кој доминира во текот на целиот период на независноста на Република Македонија, го наметнува прашањето дали в година ќе се одбележи 28-годишнината на самостојна Република Македонија или првата годишнина на Северна Република Македонија?

Ниту едно друго одбележување на Денот на независноста на Република Македонија, 8 Септември, не поминало во знакот на присуство на толку многу странски државници и во исчекување на нивните пораки. На Денот на независноста, во посета на Македонија доаѓа германската канцеларка Ангела Маркел, а генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, веќе два дена е во Скопје. Во меѓувреме се очекува и посета на австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Сепак, секоја од 27-те години независност на Република Македонија се чини дека во себе ја содржеше неизвесноста дека таквата состојба на државност и сувереност е со одреден рок на траење. Уште од денот на референдумот за независност, кој се одржа на 8 септември 1991 година, и покрај големиот одзив и изразено мнозинство на граѓаните на државата во изборот за самостојна и независна државност на Македонија, потајно, па дури и сосема гласно беше изразуван скептицизам со можностите и капацитетите за нејзино самостојно опстојување. Политичкиот контекст во тој миг, кога Македонија одлучуваше за својата независност, доминантно беше исполнет со закани и страв од војната, која веќе добиваше сериозни размери на териториите на тогашната југословенска федерација во процес на расчленување, а на која ѝ припаѓаше и земјава. Ниту блиските соседи ниту меѓународната јавност не изразуваа спонтано симпатии за новата самостојна држава на Балканот, на која единствената предност во тие деведесетти години од 20 век ѝ беше што од федерацијата успеа да се извлече некако без војна.

Но јужниот сосед, Република Грција, уште пред конечното распаѓање на СФРЈ (кое се насетуваше од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век), се мобилизира во состојба на готовност за секаква опструкција на можната нова држава на нејзината граница, со име Македонија, па на својот северен регион во 1987 година му го даде истото име. Референдумскиот избор за независност на Република Македонија, состојбата на готовност на Грција автоматски ја претвори во активен процес на континуирана опструкција на нејзиното постоење, кое набргу се ефектуира со економско ембарго на границата.

Скептицизмот на сите што отстрана ги гледаа и следеа создавањето и развојот на самостојна Македонија (а не беше мал бројот и на домашните скептици), свој аргумент имаше во фактот што Албанците во земјата не учествуваа во референдумското изјаснување за независност. Денешните аналитичари на развојот на македонската самостојност тврдат дека таквиот однос на и кон Албанците во Македонија за време на референдумот за независност е причина за континуираната етничка тензичност на внатрешен план во државата, која ескалира со случувањата во 2001 година, што пак доведе до предефинирање на концептот на нејзината државност со Охридскиот (рамковниот) договор.

Неприфаќањето и негирањето на уставното име, националноста, државноста, автентичниот идентитет на граѓаните на Република Македонија од страна на Република Грција, со различен интензитет, но со константна упорност трае во текот на сите 27 години од македонската самостојност. Најпрвин го опструира приемот на Република Македонија во Обединетите нации, но сепак на 7 април 1993 г., Советот за безбедност на ОН го одобри влезот на Македонија со Резолуцијата 817. И покрај приемот на Македонија во ОН, Грција продолжи со игнорирање на државата, но и со опструкции на меѓународен план. Грција и Македонија конечно ги формализираа билатералните односи со Привремената спогодба, потпишана во Њујорк на 13 септември 1995 година. Со овој договор, Македонија се согласи да го смени своето знаме (ѕвездата од Кутлеш) и да го дополни Уставот во делот на преамбулата, каде што се вели дека Македонија нема никакви територијални претензии кон ниту еден од нејзините соседи.

Грчката страна се обврза да не го попречува патот на Македонија кон зачленување во институциите како што се меѓународните монетарни институции, НАТО, ОБСЕ, ЕУ… Сепак и обврските преземени со Привремената спогодба од 1995 година не ја спречија Грција да стави вето на поканата за членство во НАТО, која Македонија требаше да ја добие во 2008 година, на самиот на Алијансата во Букурешт. Развојот на односите со Грција до овој миг е стигнат дотаму што Македонија на 17 јуни годинава потпиша конечна спогодба за надминување на разликите, со која го прифаќа името Република Северна Македонија, за севкупна употреба, и прифаќа тоа да го интегрира во својот Устав. Сето тоа како услов за добивање покани за членство во ЕУ и во НАТО. На 30 септември, граѓаните на Република Македонија треба да се изјаснат дали се за членство на државата во ЕУ и во НАТО, со прифаќање на договорот меѓу Р. Македонија и Р. Грција

Што се однесува до развојот на внатрешнополитичката демократија, односно на системот на парламентарен плурализам. за кој се одлучи Македонија како политичко уредување на самостојната држава, главно во овие 27 години е дефиниран со ривалитетот на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, главно во коалиција со некоја албанска национална партија (последнава деценија тоа е главно ДУИ)….
Одбележувањето на 27-те години независност, на овој 8 септември 2018 година, според многумина, ќе биде искористено во контекст на претстојниот референдум, кој треба да се одржи на последниот ден од месецот. Скептицизмот, кој доминира во текот на целата независност на Република Македонија, го наметнува прашањето дали в година ќе се одбележи 28- годишнината на самостојна Република Македонија или првата годишнина на Северна Република Македонија?