Независноста на медиумите во Европа под закана од политичарите

117
Фото: Игор Бансколиев

ИЗВЕШТАЈ НА ИНСТИТУТОТ ЗА НОВИНАРСТВО НА „РОЈТЕРС“

Во извештајот се наведува дека во многу европски држави медиумите се доведени под директна или индиректна контрола на владите, додека медиумската средина ја карактеризира зголемена несигурност за работните места на новинарите, како и зголемена поларизација. За тоа какви се состојбите во Македонија се осврнува Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ

Независноста на медиумите низ поголемиот дел од Европа е под закана од политичарите. Ова, меѓу другото, се наведува во последниот извештај на Институтот за новинарство на „Ројтерс“. Во согласност со извештајот, во кој директно не е посочена Македонија, се наведува дека новинарите константно се соочуваат со вербални напади од страна на политичарите, а дополнително се забележани и меѓусебни напади на новинарите, кои се дискредитираат меѓу себе во одбрана на ривалските медиуми. Извештајот ги рангира балтичките земји како едни од најдобрите според слободата на печатот, додека во Центрана, Источна и во Југозападна Европа е послаба слободата во изразувањето.

Понатаму, според институтот, се вели дека во многу европски држави медиумите се доведени под директна или индиректна контрола на владите при што медиумската работа во сервисите за јавно информирање влева несигурност за медиумските работници.

– Медиумската средина во овој регион ја карактеризира зголемена несигурност за работните места на новинарите, како и зголемена поларизација. Медиумите се етикетираат како провладини или против владите, а новинарите што работат за нив се принудени да заземат страна – се вели во анализата на институтот.
За тоа, пак, какви се состојбите во Македонија побаравме мислење од новинарските здруженија во земјата.

Коментирајќи го последниот документ на Институтот за новинарство на „Ројтерс“, претседателот на Здружението на новинарите од Македонија Младен Чадиковски, во изјава за „Нова Македонија“, вели дека состојбата во земјава со медиумските работници ни малку не е сјајна токму поради финансиската тешкотија на медиумите да опстојат самостојно во етерот. Според Чадиковски, иако безбедноста на новинарите во државава бележи значителен напредок, во исто време имаме многу мал број казнивост во случаите кога се нападнати новинарските работници. Тоа, според него, не ја подобрува ситуацијата дома и ги зголемува ризиците при работа на медиумските работници.

– Македонските медиуми долги години се борат со финансиската независност, односно зависност што индиректно или директно создава услови за притисок врз медиумите, односно новинарите. За жал, медиумите во земјава сѐ уште не се способни за независно финансиско работење и од таа насока и при такво функционирање при работата често се случува да има и автоцензура. Од друга страна, пак, можеме слободно да кажеме дека имаме подобрување во слободата на говор и печатот, а тоа, всушност, го покажуваат поголемиот број извештаи на меѓународни организации, кои се занимаваат со состојбите во новинарството. Додека не се создаде амбиент на медиумска финансиска самостојност, ќе имаме проблеми во сферата на функционирањето на медиумите во земјава – истакнува Чадиковски.

Претседателот на ЗНМ уште додава и дека иако се намалени нападите на новинарите во земјава што, пак, е резултат на релаксирање на состојбата во државата, за жал, многу е мал степенот на казнивост од страна на институциите за нападите и насилството врз новинарите.

– Како што се наближуваат изборите сѐ повеќе се етикетираат, напаѓаат и вербално омаловажуваат медиумските работници и тоа е ситуација што укажува дека општеството не е слободно, односно се кружи околу некои агенди зад кои често сѐ уште се кријат политичарите. Тоа е опасност на која новинарите треба да внимаваат и да бидат будни, но и обврска на МВР брзо да реагира во насока на превенција на ваквите појави во иднина, кои, за жал, сѐ уште не можеме да ги искорениме – завршува Чадиковски.

Инаку, извештајот на Институтот за новинарство на „Ројтерс“ дава и препораки како да се заштитат новинарите, но и да се справат со менталниот притисок, повикувајќи ги медиумските професионални организации и асоцијации, дома и во странство, да ги адресираат факторите што го нарушуваат независното новинарство. Извештајот, во исто, време повикува многу медиумски организации да го преиспитаат својот однос со јавноста.

– Ова е момент кога новинарите мора да останат политички независни, но со вредноста што ја нудат во општеството, да ја убедат јавноста да плати за добро новинарство – се заклучува во извештајот.

[email protected]