Независниот академски синдикат: Собранието да расправа за покачувањето на платите

157

Независниот академски синдикат (НАкС) испрати барање за средба со пратеникот Влатко Ѓорчев, претседател на Комисијата за труд и социјална политика, пред одржувањето на закажаната седница на Комисијата во 14 часот, со цел да ја образложат уште еднаш важноста од усвојувањето на законот за дополнување на Законот за исплата на платите во земјата по скратена постапка.

Одговор на барањето не добиле, а во меѓувреме седницата на Комисијата повторно е одложена.

– Апелираме уште еднаш за итно закажување расправа во матичната Комисија, со што ќе се откочи процедурата за усвојувањето на законот, кој предвидува покачување на платите во високото образование од 10 проценти. Доколку тоа не го стори претседателот на Комисијата, Влатко Ѓорчев, бараме од претседателот на Собранието, Талат Џафери, во согласност со неговите надлежности, да ја закаже седницата на Комисијата за труд и социјална политика – велат од Синдикатот преку соопштение.

Оттука, предупредуваат дека доколку Собранието не го изгласа законот пред да се распушти, ќе стане јасно дека ветеното покачување на платите во високото образование претставува само предмет на предизборни партиски надмудрувања, кои се прекршуваат врз грбот на вработените во високото образование.