Неделата е неработна ако дозволат газдите

133
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неодамна стотина текстилни работници од Штип, Кочани, Пробиштип и од Делчево преку протести упатија порака до Владата и до државните институции да донесат закони што ќе ги штитат работниците, а не сопствениците на фабриките

Само задоволен работник носи профит. Но како да се биде задоволен и среќен на работа? Дали укинувањето на работењето во недела, за што сѐ повеќе се говори во земјите од регионот, а најмногу во угостителско-трговската дејност, иако тие остваруваат најголем промет токму во деновите од викендот, би придонело работниците да обезбедат подобар баланс меѓу семејството и работата. Ова е дилемата што се актуализираше и во домашната јавност периодов, откако во соседна Србија синдикалните движења деновиве иницираа неделата со закон да се направи неработен ден во угостителско-трговската дејност. Водејќи грижа за непречено остварување на работничките права дома, запрашани за оваа тема, од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека македонските синдикалци веќе ја разгледале регионалната идеја неделата да биде неработен ден за работниците.

Сепак, претставниците на ССМ посочуваат дека во согласност со законските одредби работодавецот во договор со работникот има право да одлучи кој ден од седмицата би го уживал како ден за одмор од работа. Според Слободан Трендафилов од ССМ, македонските синдикалци работат на наоѓање решение што е најповолно за македонските работници и нивните работнички права.

– Сојузот на синдикатите на Македонија, врз основа на претходни анализи, а во насока на практиката што се дискутира со колегите од регионот, работи на наоѓање решение. Црна Гора, на пример, предложи ден на неделен одмор по правило да бидат сабота и недела, наместо како што досега тоа е регулирано дека „ден на неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата“. Во таа насока нашите анализи и примери покажуваат дека работникот ќе биде попродуктивен, ќе има повеќе време за семејството, за одмор и професионално надградување и дообразување – вели Трендафилов. Според синдикалецот Трендафилов, во оваа насока ССМ веќе предложиле полното работно време да не може да биде подолго од 38 часа неделно наместо сегашните 40.

– Посочените барања и заложби на ССМ се прогресивни, развојни и мотивирачки и значително ќе влијаат на зголемување на продуктивноста. Социјалната сигурност и демократските вредности, кои се преточени во нашите барања се претпоставки што ќе ја задржат младата популација, наспроти трендот на отселување карактеристичен за последниот период – појаснува Трендафилов од ССМ.

Од друга страна, претседателот на Организацијата на работодавци Ангел Димитров во изјава за „Нова Македонија“ посочува дека Законот за работни односи јасно регулира дека како ден на неделен одмор може да биде и друг ден во неделата, а со тоа им се остава простор на работодавците со договор да одлучат кој ден од седмицата ќе се смета за ден за неделен одмор.

– Нашиот закон за работни односи во таа насока е доста либерален и јасно пропишува дека еден ден во неделата треба да е неработен, а во зависност од дејноста се остава да се договорат работодавецот и работникот кој ден за нив би бил најполезен за одмор, независно дали тој е недела, понеделник или кој било друг работен ден во седмицата. Кога станува збор за новите предлози, сакам да истакнам дека без анализа од терен не можеме да зборуваме дали се експлоатираат работниците во недела или не – објаснува Димитров. Според претседателот на Организацијата на работодавци во земјава ние имаме технолошки процеси што не можат да запрат во недела и оттука заложбата недела да биде неработен ден во повеќето дејности во целост не е поткрепена.

– Македонија како мала земја има индустрии, кои доколку им се прекине процесот на работа во недела ќе претрпат огромни загуби. Во превод тоа значи дека секоја гранка зависи сама по себе како ќе го усогласува своето работно време со работниците, но истовремено сакам да дополнам дека секоја прекувремена работа треба да се плати повеќе – забележува Димитров.

Според првиот човек на Организацијата на работодавци во Македонија, газдите имаат обврска да ја пријават прекувремената работа со намера инспекциските служби да проверат дали се платени сите давачки кога се исплатиле платите. Како што наведува Димитров, во земјава законските акти се добри, но засега слабост е токму нивното спроведување во практика.

Во контекст на ова, на домашен терен, неодамна стотина текстилни работници од Штип, Кочани, Пробиштип и од Делчево преку протести упатија порака до Владата и до државните институции да донесат закони што ќе ги штитат работниците, а не сопствениците на фабриките. Меѓу едни од барањата беа и оние за скратување на нивното работно време како и укинување на работата за време на викендите и празниците.

Инаку, во државите од регионот актуелна е идејата со закон да се прогласи неделата за неработен ден за трговските објекти, со што вработените од овој сектор ќе имаат повеќе време да поминуваат со своите семејства, а ќе бидат и попродуктивни во извршувањето на работните обврски. Ваква практика веќе е воведена во Грција, каде што во недела не работат трговските објекти. Во Црна Гора наскоро се очекува да се усвои закон со кој неделата ќе се прогласи за неработен ден за трговците, но сепак црногорските власти не планираат тој ден да ги затворат сите трговски објекти. Слична иницијатива е поднесена и во Србија и во Хрватска од страна на тамошните синдикалци притоа образложувајќи ја иницијативата дека работниците работат повеќе прекувремено отколку што е пропишано во законите за работни односи на двете земји.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

[email protected]