Негрижата за водата ќе нѐ остави жедни

48
Фото: Игор Бансколиев

Многу локални комунални претпријатија изминатиот период апелираа до граѓаните за рационално трошење на водата, за да не дојде до водна криза во земјата, поради што оправдано се поставуваат прашањата дали државата има стратегија за правилно и рационално трошење на водата за пиење и колку се грижи за овој важен ресурс на иднината

Македонија важи за држава богата со квалитетна вода за пиење. Но речиси секоја година во летниот период жителите на голем број градски и селски средини во земјава се соочуваат со сериозен проблем од недостиг од вода за пиење. Причините се главно поради нерационално трошење на водата за пиење за полевање на дворовите или, пак, за наводнување на земјоделското обработливо земјиште. За таа цел, многу локални комунални претпријатија изминатиот период апелираа до граѓаните за рационално трошење на водата, за да не дојде до водна криза во земјата. Тука, како дополнителен проблем ја посочуваа и зголемената потрошувачка на водата за пиење, поради високите температури, но и големите загуби на водата поради застарената инфраструктура. Поради сето тоа се поставуваат прашањата дали државата има стратегија за правилно и рационално трошење за водата за пиење и колку се грижи за овој важен ресурс на иднината.

Скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ летово веќе неколкупати апелираше за рационално трошење на пивката вода, бидејќи, според надлежните, таа се троши и за што треба и за што не треба. Оттаму посочуваат граѓаните да ги полеваат дворовите и другите поголеми површини по 22 часот.

Со недостиг од вода за пиење се соочуваат веќе подолг период и жителите на Дреновец, кои живеат над градскиот стадион во правец кон тетовското село Ѓермо. Сметаат дека нерационалното користење на водата е причината што тие остануваат понекогаш и без капка вода. Од ЈКП-Тетово се согласуваат дека поради нерационалното користење на водата некои тетовски населби во овој период од годината остануваат без вода за пиење. Упатиле предупредување до повеќе фирми водата за пиење да не ја користат како техничка за миење автомобили и слично.
Проблем со водоснабдување има и во тетовско Теарце. Жителите од системот добиваат само техничка, а не и вода за пиење.

Пред неколку дена апел упати ЈП „Комуналец“ од Кичево до корисниците на водата од градскиот водовод, да бидат повнимателни и да покажат солидарност и рационалност во користењето на водата за пиење, кога температурите во земјава се многу високи, а потрошувачката на вода значително зголемена. Од тие причини, од претпријатието сметаат дека граѓаните треба се воздржат од полевање бавчи и земјоделски површини со вода од градскиот водовод.

Селата Вип и Локвица во општината Македонски Брод веќе две недели немаат вода за пиење, а нивните жители мораат да се снаоѓаат за вода за пиење од локалните бунари, за која се смета дека постои опасност да е загадена. Со ист проблем секое лето се соочуваат и жителите на скопското село Буковиќ, но и на голем број други селски, приградски, па дури и градски населби.