На утрешната седница ќе се одлучува дали јавните обвинители се враќаат во матичните обвинителства

224

Со истекувањето на мандатот на јавната обвинителка Катица Јанева, која вчера беше разрешена, завршува и мандатот на другите обвинители на СЈО.

Советот на јавни обвинители во текот на утрешниот ден ќе ја продолжи седницата на која ќе биде констатиран престанокот на нивниот мандат а ќе биде и одлучено дали тие ќе се вратат во нивните матични јавни обвинителства. 

– Ќе мораме да ги примениме одредбите од Законот за специјалното јавно обвинителство за престанок на нивната функција, затоа што е предвидено дека нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавен обвинител. Тоа в понеделник ќе го констатираме со одлука. Став на советот е дека не постојат услови за поставување на вршител на должност во Специјалното јавно обвинителство имајќи го предвид самиот Закон за СЈО каде е наведено дека предлогот за именување на специјален јавен обвинител го дава Собранието – изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски.

Тој рече дека очекуваат предлог од Собранието и ако биде доставен, ќе постапат по него, бидејќи законот сѐ уште е во важност, а не е постигнат друг договор за Законот за Јавно обвинителство.