На руско-украинскиот фронт се борат и Македонци

410

Во делот што се однесува на нашата земја се подвлекува дека македонските граѓани во овој конфликт се застапени со 14 борци, од кои десетмина се борат на страната на проруските трупи, а четворица се борат на страна на спротивниот табор

Феноменот со учеството на македонски граѓани што војуваат во војни во странство никако да стивне. По редицата медиумски извештаи за учество на македонски граѓани во војните на Блискиот Исток, сега во регионалните медиуми проструија и информации за поврзаност на нашинците во воениот конфликт во Украина.

Балканскиот сервис на Радио Слободна Европа, повикувајќи се на податоци добиени од страна на полскиот институт за меѓународни односи „Соуфан центар“, вели дека на боиштата во Украина, во периодот меѓу 2014 и 2019 година, војувале вкупно 213 борци од регионот, од кои 119 се борат на страната на проруските сили, а 94 од страната на украинските.

Во делот што се однесува на нашата земја се подвлекува дека македонските граѓани во овој конфликт се застапени само со 14 борци, од кои десетмина се борат на страната на проруските трупи, а четворица се борат на страната на спротивниот табор.
Според истиот извештај, од Балканот најмногу борци во овој конфликт доаѓаат од Србија, или 106 борци, а најмалку од Црна Гора, каде што полскиот институт регистрирал само еден случај.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, коментирајќи ги овие случувања, вели дека во конкретниов случај станува збор за една многу мала, изолирана ограничена група, за која и нашите органи најверојатно имаат соодветни сознанија.
Според него, на крајот од денот и борците што се борат на украинските фронтови, но и оние што се многу побројни, а кои војуваат на Блискиот Исток се вбројуваат во категоријата на луѓе што се ризични по безбедноста на државата.

Тој сепак потсетува дека државните мерки за справување со овој проблем преку носењето на разните кривични закони, но и национални стратегии за справување со оваа состојба, ги носат и првите резултати, а тоа може да се препознае и во намалените цифри за оваа состојба. Според информациите на МВР, од 2016 година наваму драстично се намалува бројката на оние што заминуваат да се борат на странските боишта, па тие сега се бројат само во десетици наместо во стотици луѓе.
Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност вели дека некои од луѓето што заминуваат на боиштата во светот се борат за пари, а некои поради идеологија.
Токму вторите се поопасни, вели Марковски, зашто тие се враќаат уште порадикализирани отколку кога заминале.

Според него, казнувањето не е доволно за да се спречи понатамошна радикализација на овие луѓе и државата треба појавата да ја сузбие дополнително со превенција и ресоцијализација на овие лица.

[email protected]