Најдобар начин за превенција од морбили или од грип е вакцината

Целото општество затаи како резултат на опаднатата имунизација, со што дојде до голем проблем за осетливото население, особено за децата до двегодишна возраст, каде што вакцинацијата се одложува поради неосновани стравови предизвикани од социјалните мрежи, објаснуваат епидемиолозите

Епидемијата од морбили до вчера напладне ја зеде и третата жртва. Невакцинирано тринаесетмесечно бебе од тетовскиот регион почина завчеравечер на Клиниката за детски болести како компликација од малите сипаници, соопштија од Министерството за здравство. Според епидемиолозите, целото општество затаи како резултат на опаднатата имунизација, со што дојде до голем проблем за осетливото население, особено кај децата до двегодишна возраст, каде што вакцинацијата се одложува поради неосновани стравови предизвикани од социјалните мрежи.

– Се доведовме до ситуација на голема маса невакцинирани што се осетливи. Минатата година успеавме епидемијата да ја држиме под контрола, но оваа година таа се прошири. Основен проблем е нискиот опфат на вакцинација. Не се виновни само родителите туку и здравствените работници, потребно е на родителите да им се објаснат придобивките од вакцините, дезинформациите што кружат за нив и слично.

Морбилите не се лесно заболување, како што некои сакаат да го прикажат. Тоа се појавува со тешки форми и смртни случаи – вели докторот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Тој истакна дека и педијатрите неосновано ги советуваат родителите да ја одложат вакцинацијата.

– Вакцината е потребно да се даде на 13 месеци, не подоцна. Погрешно советување е да се одложи за да се спречи аутизмот, бидејќи сето тоа е лажна вест. Самото одложување на вакцинирањето е можност да се појави епидемија. Не постои лек за морбили, најдобар начин на превенција е вакцината. Не постои друг начин за заштита.

Не можеме сите да шетаме со заштитни маски, а обврска на докторите е да ги едуцираат родителите во согласност со медицина базирана на докази – објаснува тој.
Микиќ истакна дека хронично болните деца, каде што постои сериозно нарушен имунитет, се дел од најосетливата група, која не може да прими вакцина поради заболувањата со кои се соочува.

– Децата мора да се здрави за да примат вакцини. Здравствената состојба на детето доста често се злоупотребува. Обичната настинка не е контраиндикација за вакцинација. Течење на носот не е контраиндикација за вакцина. Воопшто не е потребно ниту да се прави крвна слика, доволно е само да се прегледа детето од педијатар. Доколку докторот смета дека детето е здраво за да прими вакцина, во тој случај треба да ја прими. Реакциите од вакцината се исто така минимални или воопшто ги нема. Мал исип и покачена температура се најчестите реакции – вели тој.
Морбилите ги исплашија родителите, па сега многумина се во дилема и не знаат што да прават. Многумина од родителите што беа против вакцинирање веќе ги вакцинираа своите деца.

Меѓутоа, морбилите не се единствените што се шират меѓу граѓаните. Тука е и грипот, кој зема замав. Само минатата недела имаше 1.700 нови случаи на заболени од свински грип, а вкупниот број се искачи на 4.500.

Од грипот досега починаа две лица што беа со претходни заболувања, а грипот само дополнително ја влошил нивната состојба. Според епидемиолозите, многумина го мешаат грипот со настинка, но не смеат да го прават тоа.

– Грипот е потешка форма, со покачена температура, премаленост, повраќање… Најголем ризик имаат возрасните групи на населението и хронично болните возрасни и деца. Можно е да доведе до сериозни компликации, па и до смрт. Исто како и кај морбилите, единствен начин на заштита е вакцинацијата, а оние што имаат веќе лесни и почетни симптоми, треба да добијат антивирусна терапија, која во почетокот може да даде резултати при лекувањето – смета доктор Микиќ.