Националните телевизии се жалат од пиратеријата на кабелските оператори

74

Десетици пријави против кабелските оператори се проследени до Обвинителството, но тоа не постапува по нив, а телевизиите со години се тероризирани од пиратеријата што ја спроведуваат во медиумскиот простор, беше кажано на денешната прес-конференција организирана од Македонската медиумска асоцијација, во која членуваат директорите на телевизиите Канал 5, Аласат, Алфа, Сител и Телма.

Според нив, недозволиво е тие да плаќаат за авторските права за одредени програми, а кабелските оператори да ги реемитуваат пиратски истите тие програми.
– Дали во Германија се случува РТЛ да пиратира програми? Телевизија Телма ги имаше откупено правата за натпревари на Светското првенство, ама еден од натпреаврите истовремено се емитуваше преку кабелските опаратори на каналот РТЛ. Ние со години сме тероризирани од кабелските оператори, имаме и десетици пријави за кои Обвинителството не постапува. Ваквото однесување на операторите е недозволиво. Што правиме со повеќе од 30 канали кои пиратски емитуваат по 100 филмови на ден, а ние за истите плаќаме авторски права – рече Атанас Кировски од Телма.

Спрегата меѓу кабелските оператори и телевизиите ескалираше од избрзаното усвојување на измените во Законот за медиумски услуги со кој на операторите им се наметнува одредба која е неприменлива, затоа што ги става во состојба да гарантираат за авторските права на програми што не ги произведуваат, а за тоа да сносат кривична одговорност.

За решение на овој проблем се заинтересирале и некои влади од влијателни членки на ЕУ кои преку своите амбасади веќе реагирале до нашите власти дека треба да се најде решение до кое ќе се дојде преку консензус меѓу сите засегнати страни и кое истовремено ќе биде во согласност со европската регулатива и практика.

Операторите, пак, упатија закана дека ќе ги исклучат каналите откако со измените на Законот за аудиовизуелни услуги се обврзани да гарантираат за авторските права на програмите што ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.

Измените беа донесени консензуално, откако националните телевизии подолг период укажуваа дека земјава е мека за пиратерија.

Проблемот, според телевизите, е во тоа што досега нашата држава не направи систем на селекција кои канали може да се реемитуваат.