Националниот совет за безбедност ќе дискутира за заштитата на животната средина

50

Претседателот Стево Пендаровски вчера прими претставници на здружени граѓански организации и инцијативи, потписници на отвореното писмо упатено до него на 30 октомври, поврзано со заштитата на животната средина.

На средбата, на која присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, беа разменети мислења за предлозите и иницијативите во отвореното писмо за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено.

Претседателот пред претставниците на граѓанските организации и иницијативи посочи на потребата од меѓусебна координација и целосна вклученост на сите надлежни органи. Пендаровски изрази и подготвеност да ги поддржи сите граѓански иницијативи што се во функција на надминување на овој проблем и да помогне во нивната комуникација со надлежните институции.

Заштитата на животната средина за првпат ќе биде ставена како точка на дневен ред на идната седница на Советот за безбедност, којашто ќе се одржи кон средината на декември и на која ќе бидат поканети претставници на граѓанските организации. Пендаровски ја враќа Стратегијата за одбрана во постапка како стратешки документ, со цел во истата да бидат вклучени точки и мерки за еколошка безбедност. Тој ќе ја застапува идејата за зголемување на државниот буџет за заштита на животната средина со цел да се приближи кон просекот на земјите-членки на ЕУ. Претседателот ќе даде поддршка за создавање на национален фонд за заштита на животната средина. Во рамки на процесот на образовните реформи да се вметне задолжителен број на часови со цел едукација, за учениците во основните и средните училишта да добијат образование за заштита на животната средина, беа дел од најавените иницијативи од страна на претседателот на средбата.

Истовремено, кабинетот на претседателот, на барање на граѓанските организации во комуникација со Министерството за животна средина и просторно планирање доби информација дека А-интегрираната дозвола за РЕК Битола ќе биде издадена во текот на декември 2019 година. Исто така, Претседателот ја поздравува иницијативата на Министерството за животна средина за донесување на нов закон за управување со отпад.

Во однос на барањето за ангажман на Армијата во справувањето со аерозагадувањето преку нивно вклучување во патроли и ноќни дежурства, Претседателот истакна дека внатрешниот ред во државата е надлежност на полицијата. Армијата, нагласи претседателот Пендаровски на средбата, веќе придонесува за заштита и за унапредување на животната средина преку низа активности, како што се засадување нови садници на опожарените места, расчистување на опожарените места, пошумување, расчистување на отпад од речни корита, селекција на отпад, активна обука и едукација на персоналот за грижа за животната средина.