Насмевката на децата е нашата најголема награда

429

Марија Матеева е професорка по одделенска настава во училиштето „Лазо Ангеловски“. Таа по дваесетгодишно искуство во професијата, годинава беше прогласена за најдобар просветен работник од Здружението на просветни работници. Добитничка е на голем број награди и признанија, а досега била иницијаторка и дел од значајни активности чија цел била да се развијат хуманоста кај децата, здравите навики за живеење, еколошката свест, љубовта кон традицијата на македонскиот народ и афирмација на јазичната свест кај најмладите говорители. Оваа наставничка, која својата кариера ја почнала во училиштето „Панајот Гиновски“ во Бутел, во интервју за „Нова Македонија“ зборува за тоа како се станува квалитетен наставник.

Што претставува за вас добивањето на ова признание и што беше пресудно за да бидете прогласена за најдобар просветен работник во учебната 2017/2018 година?
Трудот на наставникот спаѓа меѓу најсложените, најодговорните, но и најблагородните човекови активности. Токму затоа ова признание за мене претставува награда и благодарност за досегашниот вложен труд во мојата дваесетгодишна воспитно-образовна работа, но истовремено и претставува мој мотив за постигнување подобри резултати во иднина. Креативноста, посветеноста на работата, љубовта кон децата, многубројните освоени награди, признанија, благодарници, медали, дипломи на училишни, општински, регионални, државни и меѓународни натпревари, мојата работа како менторка на наставници приправници, менторка на студенти, многубројните обуки што ги имам одржано за наставници, остварените резултати во воспитно-образованата дејност со учениците, родителите и општествената средина, учеството во јавната и културната дејност на училиштето, учеството во реализација на проекти, едукативни семинари, меѓународни конференции и многубројните добиени сертификати мислам дека беа пресудни за добивање на признанието.

Како се станува квалитетен наставник?
За да се биде квалитетен наставник, пред сѐ, е потребно да се има голема љубов кон децата, љубов кон професијата, да се биде трудољубив, посветен, одговорен, заинтересиран, креативен, трпелив, искрен, толерантен, добар психолог, советодавец, методичар, кој е максимално ангажиран и подготвен за прифаќање сугестии и новини во образованието. Секоја новина треба да се прифаќа сериозно и како нов предизвик за сопствено професионално надградување, како и за подобрување на квалитетот во работата воопшто. Наставникот е обликувач на младата личност и треба да биде пример за своите ученици со кои тие би посакале да се идентификуваат и да прераснат во личност со свои квалитети и одлики. Квалитетниот наставник во текот на работата потребно е да остварува успешна комуникација со учениците, непосредна и блиска, но истовремено и максимално професионална. Потребно е постојано да ја следи нивната активност и да ги мотивира на соодветен начин. Во рамките на можностите потребно е редовно да користи активни форми, методи и техники на работа со што ќе овозможи интеракција во сите насоки и квалитет во наставата. Потребно е многу успешно да ја користи нагледноста и образовната технологија што ја поседува училиштето, а заедно со другите наставници да изработува и пригодна нагледност. Но покрај сето наведено, квалитетниот наставник мора постојано да ја одржува врската наставник – ученик – родител и таа во ниту еден момент не смее да биде раскинлива.

Што ви недостига вам наставниците за да биде наставата поквалитетна?
Современиот наставник има подобри услови за работа од минатото, но за да биде наставата поквалитетна потребно е да се исполнат повеќе фактори. Треба да има повеќе лаборатории за истражување во самите училишта, многу повеќе нагледни средства, материјали за изработка на пригодна нагледност, сопствен превоз во секое училиште за да може наставникот секогаш кога ќе му биде потребна нагледност надвор од училиштето слободно и бесплатно да ги однесе учениците до местото што треба да го посетат, набљудуваат или истражуваат. Потребно е континуирано да се зголемува библиотечниот фонд на училиштата со нови книги, енциклопедии и прирачници за наставници. Корисно би било да има посебни спортски сали во секое училиште за учениците од одделенска настава. Воведување повеќе интернационални проекти каде што ќе има размена на искуства со другите земји преку направени посети во тие земји.

Што е она на што треба да обрнат внимание родителите, кои се многу важна алка во воспитно-образовниот процес?
Во денешното брзо темпо на живеење на родителите не им останува многу слободно време за да го поминуваат со своите деца, за заеднички да поразговараат, за да ги ислушаат потребите на децата, за да им помогнат во нивните работни задачи, за да ги слушнат нивните потреби. Токму затоа мислам дека најпотребната работа на која треба да посветат најголемо внимание денешните родители е да минуваат што повеќе заедничко и квалитетно време.

Можете ли да направите споредба меѓу учениците од времето кога вие бевте ученик и денешните? Има ли вредности што се задржале или преовладуваат оние што се загубени?
Секое време си носи свои белези на живеење. Многумина ги критикуваат денешните ученици и велат дека тие во минатото биле подобри ученици. Јас не сум поборник на тој став. Мислам дека денешните ученици имаат поголем број на вредности што ќе им бидат потребни во иднина за нивното живеење, но нивниот начин на учење, на меморирање, на собирање факти, податоци и знаења се разликува од минатото затоа што денешното модерно и современо образование исполнето со најсовремена информатичка технологија им го наложува таквото учење. Кај нив се разликува само начинот на учење и примената на нивните знаења во секојдневниот живот.

Која е вашата порака до наставниците приправници?
Професијата наставник е најблагородната професија, работете ја со голема и искрена љубов, почитувајте ги децата, надградувајте го своето знаење секојдневно, бидете креативни, трпеливи, објективни, харизматични, упорни, правични, отворени кон промени, соработувајте и почитувајте ги родителите и своите колеги, а со самото тоа успехот е неминовен. Секој вложен труд и постигнат успех се наградува, а нашата најголема награда е насмевката на децата, кои ја имаат најискрената и најчистата душа во себе.