Наместо швајцарска држава, институциите – швајцарско сирење

107
Карикатура: „Нова Македонија“

Доверливи документи протекуваат од свиркачи,
кртови и институционални „духови“

Во целата работа едно е сосема јасно, дека никој не знае од каде и од кого протекуваат важни документи. Внатрешните истраги обично не даваат плод, така што со право се поставува прашањето дали институциите воопшто можат да се контролираат и дали сето ова води кон целосна нивна ерозија

Последното протекување на документ од Јавното обвинителство, кога се појави фотокопијата од дел од записникот од примањето на кривична пријава од Орце Камчев поднесена во обвинителството, дополнително ја разбранува јавноста, која со право прашува дали државните институции се целосно поткопани однатре и дали воопшто имаат капацитет да ја вршат функцијата поради која се и воспоставени. Последните месеци важни документи протекоа и од Министерството за внатрешни работи, од Владата, од судовите, но и од СЈО, во време кога се тврдеше дека таканаречените „бомби“ се сигурни и дека никој не може да дојде до нивната содржина.

Но, очигледно, ситуацијата не е баш таква. Имено, уште пред да се гласа во Собранието за изборот на новата министерка за финансии, во медиумите се појави документ од МВР во кој се наведува дека против неа била поднесена кривична пријава во 2018 година.
Аудиоснимки протекоа и за генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, преку кои тој наводно ги надминал своите законски овластувања и разговарал со претставници на компании што се подготвувале да учествуваат на државен тендер.
Минатата година се случи уште една афера, кога беше откриено дека се прислушувани фиксните телефони во Јавното обвинителство, но и во новата зграда на Основниот суд Скопје 1.

Од СЈО речиси нема што не истече, од вода во подрумските простории, кога некои од доказните материјали беа поплавени, до аудиоснимки од „бомбите“, со кои беше соборена владата на поранешниот премиер Никола Груевски, а кои, според некои медиумски информации, можат да се набават на цеде низ пазарите во соседно Косово.
Во целата работа едно е сосема јасно, дека никој не знае од каде и од кого протекуваат важни документи. Внатрешните истраги обично не даваат плод, така што со право се поставува прашањето дали институциите воопшто можат да се контролираат и дали сето ова води кон целосна нивна ерозија.

Според адвокатот Александар Бежовски, обезбедувањето на снимките во случајот „Рекет“ од, како што тој вели, странска тајна служба, како и нивно објавување во „Ла верита“, ги дискредитирало домашните служби и институции.
– Ако бомбите почнаа да ја компромитираат претходната влада и доведоа до нејзино рушење, овој случај „Рекет“ ги компромитира, како Владата и тајните служби, така и целото македонско судство – вели Бежовски.
Тој додава дека проблематично е и тоа што токму олигархот против кого СЈО води постапка успеал да ја докаже корупциската шема и да го дискредитира судството.
И професорот Илија Ацески смета дека некои работи во државата почнуваат да излегуваат од контрола.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

– Ова што се случува е ерозија на институциите однатре и тоа е најстрашното што може да се случи. Да беа нападнати институциите однадвор, ќе имаа можност да се бранат, но нападите однатре тешко се откриваат и спречуваат – вели професорот Ацевски.
Тој додава дека граѓаните се тие што ќе ја платат највисоката цена.
– Погледнете на што ја губиме нашата енергија. Еден месец се заморуваме со Катица Јанева, со Боки, наместо секој да се концентрира на попродуктивни работи во сферата во која дејствува, дали е тоа економија, политика, психологија… – нагласува Ацески.
Според него, протекувањето документи само ќе продолжи да ги поткопува институциите, а борбата за спречување на ваквите појави е тешка и крајно неизвесна.
Сепак, од Европската комисија не сметаат дека СЈО е компромитирано од фактот што главната специјална обвинителка е осомничена за криминал.

– Фактот што Катица Јанева е искомпромитирана не мора нужно да значи и дека целата институција е компромитирана – сметаат од ЕК.
Од Брисел истакнуваат дека мора да се постигне договор за замена на Јанева, бидејќи таа била поддржана од сите политички партии во земјава.
Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, се надева и на брза и непристрасна разврска на случајот „Рекет“, притоа не негирајќи дека и дипломатите во Брисел биле затекнати од аферата.

И јавноста со право очекува неселективната борба против криминалот и корупцијата во сите облици конечно да почне, со што ќе се отвори можност и институциите да се ослободат од стегите и спрегите во кои сега се наоѓаат и да почнат да функционираат во служба на оние поради кои и постојат, во служба на граѓаните.