Наместо еуфоричен пречек, верба преку искрена молитва

266
Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВО ЦРКВИТЕ НИЗ МАКЕДОНИЈА БДЕНИЈА ЗА НОВОГОДИШНАТА НОЌ

Дали би го прифатиле предизвикот наместо во кафеана или кафуле со музика, друштво, храна, пијачка и луда забава до раните утрински часови, Нова година да ја дочекате во црква на ноќно бдение, со свеќа во раката, со молитва на литургија? Можеби за многумина ова звучи чудно и невистинито, но во дел од црквите и манастирите на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија на 31 декември вечерта, токму за пречекот на Нова година се организираат бденија на кои присуствуваат голем број верници. Ваквите бденија во форма на литургиски служби најчесто почнуваат во 22 часот на 31 декември и траат до раните утрински часови на 1 јануари.

– Целта е на верниците да им се овозможи оваа ноќ да ја доживеат во духовна смисла наместо со задоволување на хедонистичките страсти со пиење и јадење, особено зашто сѐ уште трае божиќниот пост – објаснуваат свештениците.
Тоа е ретка можност за верниците на МПЦ-ОА календарската Нова година да ја дочекаат на молитва в црква.

Оваа година, надлежните во МПЦ-ОА јавно не соопштиле дали и во која црква ќе има вакво организирано „новогодишно“ бдение, иако веројатноста е дека во голем дел од црквите и манастирите ќе има ноќни богослужби. Изминативе неколку години вакви настани се случуваа во преспанско-пелагониската епархија, во кумановско-осоговската епархија, но и во брегалничката и дебарско-кичевската епархија.
Минатата година, сеноќното бдение од 31 декември кон 1 јануари го водеше владиката Петар во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Јанковец. Исто така, со молитва новогодишната ноќ ја пречекаа и верниците од кумановско-осоговската епархија, каде штобдението го водеше митрополитот Јосиф, кој тогаш изјави дека овој чин го прави со цел да им се овозможи на верниците еден друг начин како да ја поминат оваа ноќ.

Соборниот митрополитски храм „Свети Николај Чудотворец“ во Куманово беше место каде што голем број верници избраа да бидат дел од сеноќното бдение во пресрет на Нова година.

Неколку години претходно ваков настан организираше и брегалничката епархија во Штип, а на сеноќното бдение присуствуваше и архимандритот од Лесновски манастир, отец Дамаскин.

Од нашето најголемо духовно светилиште, монасите од Бигорски манастир велат дека календарската Нова година ја поминуваат во молитва, без посебни прослави или бденија.

– Имаме вечерна литургија на 31 декември и утринска литургија на 1 јануари. Ист е редот како и секој друг ден. Во минатото имало бдение за календарската Нова година, но сега тоа не се случува, зашто тој ден за црквата не е Нова година – посочуваат монасите од Бигорски манастир.


За црквата Нова година е на 14 септември

Што, всушност, прославуваме ноќта на 31 декември кон 1 јануари? И што значи тоа граѓанска, односно секуларна Нова година од теолошки аспект?
Теолозите велат дека тоа е моментот кога сите ние, сиот свет влегува во следното новолетие, т. е. започнува Нова година.

– Зборуваме за граѓанско празнување, не за црковно. Па и таканаречената Василица, 1 јануари, Нова година по Јулијанскиот календар, чие предание е поврзано со Св. Василиј Велики (бидејќи на истиот ден се празнува овој светец), заедно со Обрезанието Господово, меѓу народот е позната и како Стара нова година, но во самата богослужба на празникот нема никакви сведоштва и молитви во однос на Нова година. Тоа, пак, ни докажува дека кај православните народи, Нова година не се празнувала на 1 јануари.

Но доколку црквата го одбележува и одобрува граѓанското новолетие, тоа го прави поради фактот што таа постои во општеството и секое општествено прославување ги опфаќа нејзините верни членови. И црквата си има свое празнување на Нова година, но тоа се случува во сосема поинаква атмосфера и на сосема друг датум. А тој датум е 1 септември, односно 14 септември. По Јулијанскиот календар тоа е на 1 јануари, а по Грегоријанскиот тоа е 14-от ден од септември. Овој ден бил определен на Првиот вселенски собор како почеток на црковната Нова година, а долго време во христијанскиот свет и граѓанската и црковната година биле одбележувани на 1 септември – велат теолозите.

[email protected]